Дали и вие добивте некој вишок ‘пандемиски’ килограм?

Веројатно последнава година сте ја слушнале од многумина реченицата: Леле, од дома работам периодов - се здебелив! Бидејќи сме големи гурмани и сакаме кога слабеењето се поврзува со некоја храна, најдовме одлична идеја - снегулки од псилиум

0
224

Дали некогаш сте отвориле некој рецепт во кој како дел од состојките се наведени снегулки од псилиум? Многумина слушнале за нив, но сепак не знаат доволно, поради што често се прескокнуваат при готвењето.

Сепак, кога ќе прочитате дека овие снегулки или како што се уште познати, псилиум лушпи или лушпи од индиски тегавец, можат да ви помогнат да се ослободите од вишокот ‘карантински’ килограми, а притоа и да ви го подобрат имунитетот, веројатно ќе сакате да дознаете повеќе.

Застапниците за здравата исхрана сѐ почесто ги цитираат како неизбежна намирница во нивната исхрана. Некои редовно ги ставаат на менито заради делотворните ефекти врз варењето. Можеби ќе одлучите да ги вклучите во вашата исхрана или ќе одлучите сепак да го испробате рецептот во кој тие се споменуваат откако ќе дознаете повеќе за здравствените придобивки од овие природни растителни влакна.

Што треба да знаете за овие лушпи?

Тие се добиени од семето на билката Plantago, односно, индиски тегавец и се користат со векови во древната традиционална ајурведска медицина. Денес, псилиумот се користи како додаток во исхраната или во рецепти како природен згуснувач. Секое растение дава околу 15 000 ситни семиња од кои се добиваат лушпите што ги консумираме. Поради одличната растворливост во вода, снегулките можат да апсорбираат течност и да станат густо, слатко соединение кое се опира на варењето во тенкото црево. Така, тие помагаат во регулирање на телесната тежина и ублажување на дијарејата или на запекот.

Одличен извор на влакна

Експертите велат дека возрасните треба да јадат 30 грама влакна на ден за нормално функционирање на телото. Повеќето луѓе не ги консумираат во препорачаната доза поради забрзаниот начин на живот. Зошто воопшто да внесуваме толку многу влакна? Бидејќи покрај тоа што помагаат за здраво движење на дебелото црево, тие се добри и за успешно слабеење. Во комбинација со вода набабруваат и прават да се чувствувате сити. Најчесто се појавуваат на пазарот во форма на прав, но може да се најдат и во форма на капсули.

Ги ублажуваат симптомите на запек и надуеност

Овој природен лаксатив помага при ублажување на запекот и непријатните несакани ефекти. Првично се врзуваат на делумно сварената храна што поминува од желудникот до тенкото црево. Потоа, помагаат во апсорпција на водата, со што се зголемува големината и влагата на столицата. Ова е причината зошто многу снегулки од псилиум се користат за подобро регулирање на целиот дигестивен систем.

Ако сакате да ја вратите микрофлората во цревата, пробајте појадок кој вклучува пробиотици и снегулки од псилиум. Измешајте 2 дл јогурт или кефир со 2 лажички псилиум. По појадокот, испијте неколку чаши вода. Лушпите природно ќе ја врзуваат течноста во цревата, па затоа се препорачува дополнително внесување на вода за да се избегне блага дехидрираност на телото.

Како да ги вметнете во исхраната?

Покрај тоа што можете да ги јадете во комбинација со јогурт, можете да ги користите и како додаток на фините оброци. Бидејќи немаат вкус и мирис, можете да ги додадете во кое било јадење и тоа нема да му го промени вкусот. Ако не можете да ја замислите омилената чорбеста храна без запршка, а не сакате да го правите тоа со брашно, овие растителни влакна се одлична алтернатива. Покрај тоа што имаат многу малку калории и јаглехидрати, тие не содржат глутен што ги прави погодни и за луѓе кои се нетолерантни на овој протеин.

Само додадете две до три лажички снегулки во чорбата, почекајте да се набабрат и да ослободат слуз и ќе добиете совршена густина како да сте додале класична запршка во неа. Можете исто така да ги додадете и во тесто за леб или кога правите џем за да ја зголемите густината. Ако сметате дека тестото за палачинки е премногу ретко, додадете снегулки од псилиум наместо брашно за помалку калории.

Веганска замена за јајца

Овие псилиум снегулки се интересни и за веганите затоа што можат да се употребат како замена за јајца. Одлични се во подготовката на домашни крекери од семки од сончоглед и житарки. Една лажица снегулки во комбинација со вода ќе создаде желатинозна смеса која совршено ќе ги поврзе останатите состојки.

Фото: Pexels