Дали можеме да се отруеме со бразилски ореви?

Препорачаната дневна доза на селен е 55 мкг такашто дневната потреба за селен може да се задоволи со количина помеѓу 2 и 7 ореви.

0
359

Бразилските ореви се една од најконтроверзните намирници. Во исто време, за нив се зборува во суперлативи, како најдобар извор на селен, силен антиоксиданс со корисен ефект врз здравјето, додека од друга страна, бразилските ореви кријат некои недостатоци и сериозни здравствени опасности.

Нутриционистички состав

Бразилските ореви растат на големи тропски дрвја кои можат да пораснат дури 45 метри во висина. Дрвото произведува големи тркалезни мешунки кои содржат во просек 18 семиња обложени со тврда школка. Бразилските ореви растат во подрачјето на Амазон, а освен во Бразил, растат во Перу, Колумбија, Венецуела и Еквадор. Нивниот состав се состои од масти во количина од околу 66%, протеини во количина од 14% и јаглехидрати во количина од 13%. Нутриционистички, бразилските ореви се одличен безглутенски извор на прехранбени влакна, разни витамини и минерали како витамин Б1, витамин Е, селен, бакар, магнезиум, манган, калиум, калциум, железо, фосфор и цинк.

Корисно влијание врз здравјето

Истражувањата покажале дека внесувањето бразилски ореви има корисен ефект врз параметрите на липидите, односно го намалува нивото на вкупен холестерол и ЛДЛ холестерол, има корисен ефект врз функцијата на тироидната жлезда, го намалува оксидативниот стрес и влијае на биомаркерите поврзани со рак на дебелото црево. Исто така, бразилските ореви можат да имаат корисен ефект врз когнитивните функции, како и машката неплодност. Корисниот ефект најмногу се припишува на содржината на селен или селенометионин. Пропорцијата на селен во бразилските ореви зависи од количината на селен што се наоѓа во составот на почвата на која се одгледува, такашто количината на селен во самите плодови може многу да варира.

Препорачаната дневна доза на селен е 55 мкг така што дневната потреба за селен може да се задоволи со количина помеѓу 2 и 7 ореви.

Селенот и болестите на тироидната жлезда

Селенот е суштински елемент кој има силно антиинфламаторно и антиоксидативно дејство во организмот и е неопходен за производство на хормони на тироидната жлезда. Се покажало дека внесот на селен во форма на додаток во исхраната може да го модифицира воспалителниот и имунолошкиот одговор кај пациенти со автоимуно заболување на тироидната жлезда. Три мета-анализи потврдиле дека селенот имал супресивно дејство врз нивото на антитела на тироидната пероксидаза (TPO) и тироглобулин (Tg) кај заболени од Хашимотов тироидитис.

Треба да се додаде дека кај пациенти со болест на тироидната жлезда, кои покрај недостаток на селен имаат и недостаток на јод во организмот, внесувањето на селен може да ја влоши функцијата на тироидната жлезда. Ризикот од недостаток на јод може да биде голем, особено кај луѓето кои не консумираат сол збогатена со јод, но избираат други видови сол како што е химелајската.

Токсична доза на селен

Според истражувањето, доза од 330 мкг селен на ден може да биде токсична и негативно да влијае на хормонот за раст, факторот на раст сличен на инсулин, како и на синтезата на хормоните на штитната жлезда. Главните несакани ефекти вклучуваат опаѓање на косата и ноктите, анорексија, дијареја, депресија, крварење, некроза на црниот дроб и бубрезите, атаксија и респираторни пречки. Симптомите на труење со селен се нарекуваат селеноза. Внесот на селен помеѓу 50 и 400 мкг на ден се смета за безбеден за возрасните, додека внесувањето од 850-900 мкг на ден се смета за минимум кој може да предизвика токсичност. Се верува дека внесувањето на 5000 мкг селен или околу 50 ореви би довело до селеноза, сепак, во медицинската литература нема опишани случаи на селеноза поради прекумерна консумација на бразилски ореви. Истражувањето во кое било вклучено локалното население во областа на дождовните шуми на Амазон, чија исхрана е богата со селен, покажале дека локалното население има нормално до високо ниво на селен во крвта без забележани токсични ефекти на таквата исхрана.

Бразилските ореви се најрадиоактивната храна во светот

Интересен факт е дека бразилските ореви содржат релативно голема количина на радиум, а количината на радиум е приближно 1000 пати поголема од количината на радиум во други намирници. Радиумот завршува во бразилските ореви поради високата биоакумулација на самата билка, а земјата кадешто расте не е особено богата со овој радиоактивен елемент. Научниот комитет на Обединетите нации за ефектите од атомското зрачење оценил дека бразилските ореви не претставуваат никакво штетно влијание врз здравјето поради содржината на радиоактивни елементи затоа што нивната содржина е под сите пропишани граници на штетност.

Извор на бариум

Бразилските ореви се потенцијален извор на бариум кој е токсичен за луѓето. Истражувањата врз глувци покажале дека исхраната богата со бразилски ореви предизвикува складирање на бариум во коските. Има малку литература за бариум од бразилски ореви, а студија од 1988 година покажала дека по внесувањето на поединечна доза од 92 гр бразилски ореви, само 10% од вкупниот внес на бариум се излачувал преку урината и фецесот, па затоа може да биде опасен иако се претпоставува дека бариумот внесен по орален пат не е толку токсичен.

Штетни микотоксини

Афлатоксините се токсични метаболити на мувла и габи кои растат на разновидна храна, вклучувајќи ги и оревите. Им одговара атмосфера со висока содржина на влага и висока температура, токму онаа што се наоѓа во дождовните шуми. Додека, на пример, бадемите, оревите и ф’стаците не се потенцијален извор на ова токсично соединение поврзано со карцином на црниот дроб, бразилските ореви се високо на списокот на контаминирана храна. Причината за ова е што бразилските ореви се собираат откако ќе паднат на земја кадешто можат да поминат денови, па дури и месеци пред да ги соберат и кадешто можат да бидат заразени со мувла.

Истражувањата покажале дека добрата практика на производство може да го минимизира процентот на афлатоксини на оревите со намалување на можноста за контаминација на цела група ореви со детален преглед и елиминација на испуканите и оштетените ореви.

Дали ѝ штетиме на животната средина ако јадеме бразилски ореви?

Во денешно време, ние веќе не ја гледаме храната исклучиво низ призмата на влијанието врз здравјето, но како потрошувачи, за нас стана исклучително важно е какво влијание има одгледувањето на оваа храна врз животната средина. Бразилските ореви се храна што ѝ припаѓа на одржливата исхрана. Со други зборови, потрошувачката на оваа намирница не предизвикува уништување на шумите и нема штетни последици на уништувањето на шумите. Навистина, бразилските ореви растат на диви дрвја, а култивацијата досега беше неуспешна.

Заклучок
На крајот, можеме да заклучиме дека нутритивните придобивки секако ги надминуваат потенцијалните недостатоци, но секако е препорачливо да го ограничите внесувањето и да јадете од еден до три бразилски ореви на ден.

Фото: Pixabay