Дали нашите најпознати шефови готват во самоизолација?

Почнуваме со шеф Марк Де Јонг кој во овој тежок период на пандемија на коронавирусот е дома и ги почитува сите мерки што ги превзема Владата, вклучително и препораката за самоизолација. Еве ги и неговите препораки за рационално  пазарување и приготвување на намирниците и неколку одлични идеи

0
630

„Прогласувањето на Пандемија од страна на СЗО, мислам дека беше моментот кога за мене состојбата со вирусот стана навистина сериозна. Ги следам и ги почитувам сите мерки што ги превзема Владата, вклучително и препораката за карантин. Претпоставувам дека малку луѓе размислувале дека некогаш ќе се соочиме со вакви моменти. Мојата сопруга е лекар по професија, и можеби затоа немаше простор за паника во нашиот дом.

Направивме наши семејни правила како да се организираме во новонастанатата состојба, пристапувајќи секој од својот професионален аспект, сопругата Василка како лекар, а јас како готвач.  Сите мои професионални активности ги одложив на неодредено време. Во однос на набавката на храна, би сакал да препорачам рационално планирање и пазарување. Мојата препорака при набавка на храна е однапред да се подготви листа за пазарење, во зависност од потребите на семејството за секој ден.

Лично, предвидов набавка за 15 дена, колку што е и првичната препорака за карантин. Свежото овошје и зеленчукот, пред да ги консумираме или да ги искористам во готвењето, ги оставам  во вода со малку оцет.  Еден дел од овошјето и зеленчукот (за наредните неколку дена), го оставив во фрижидер, а остатокот  го  бланширав (многу кратко во зовриена вода), а кога се олади го спакував и  го замрзнав.  Месото и рибата ги вакумирав и ги замрзнав. Секако, набавивме и ориз, компири, тестенини, шеќер, зејтин, млечни производи и хигиенски средства… Накусо, сѐ што е од суштинско значење во нашите секојдневни навики и исхрана. Хигиената и добрата термичката обработка на храната во вакви услови е многу важна.

Овие неколку денови увидовме дека ритамот на денот сосема се разликува од претходно. Но, ние се обидуваме да го органзираме нашето време во домашнни услови. Би сакал да напоменам дека во ваква ситуација, намалено е трошењето на калории, па затоа и внесот на храна треба да биде умерен, односно да се трудиме да го избалансираме. Би препорачал храната да ја приготвувате сами, а со тоа ке ја разбудите вашата креативност, но и денот ќе ви биде исполнет.

Многу сум среќен деновиве кога ќе добијам слика од приготвена храна од некој од моите ученици од курсевите по готвење. Ова е можност да готват за своето семејство, да ги вежбаат рецептите кои досега ги научиле.

Но, ова се само мои ставови и не сакам да навредам никого или да бидам погрешно разбран. Ви пожелувам добро здравје на сите!“, порачува шеф Марк Де Јонг.