Дали правите разлика помеѓу основните видови јогурт?

Во маркетите, во продажба се неколку видови од овој исклучително здрав и вкусен млечен производ, но дали знаете која е разликата помеѓу нив?

0
307

Со колегите на бурек, со другарите на лиснато тесто со зденка и маслинка, кај баба на баничка или, едноставно, дома под ќебе со омилените мусли, јогуртот несомнено е совршениот придружник на секој оброк. Освен што внесува освежување при оброците, тој е извор на неколку основни хранливи материи, вклучувајќи протеини, калциум, калиум, фосфор и витамините Б2 и Б12. Дополнително, млечната киселина во јогуртот помага во варењето, со што калциумот од млекото полесно се апсорбира, а бактериските култури во јогуртот ја стимулираат борбата на белите крвни клетки против инфекциите.

 

Јогуртот се произведува со природен процес на ферментирање на млекото. Дејството на бактериите, на температура од 42° до 45°C за 2-4 часа резултира во ферментација, при што лактозата се претвора во млечна киселина и доаѓа до скиселување на млекото. Потоа, јогуртот се лади, а со тоа се забавува скиселувањето и се продолжува трајноста. Во маркетите, во продажба се неколку видови од овој исклучително здрав и вкусен млечен производ, но дали знаете која е разликата помеѓу нив?

Густ јогурт

Густиот јогурт има исклучителна крем-структура и интензивен вкус што ги задоволува сите гурмани и хедонисти. Зголемената густина кај овој јогурт е резултат на технолошкиот процес на ферментација на млекото, каде што голема улога игра млечниот протеин. Неговата зголемена густина овозможува интензивно уживање и дава чувство на исполнетост, а со тоа го продолжува чувството на ситост и го спречува прекумерното внесување храна. Поради својата густина, овој јогурт може да се користи за подготовка на омилените сосови и салати, а вкусен е и во комбинација со печива, со пити, но, и со разни други видови храна со кои се надополнува.

Пробиотски јогурт

Пробиотскиот јогурт е функционален млечен производ што содржи активни јогуртни култури што ја подобруваат дигестивната рамнотежа. Исто така, содржи и калциум, кој придонесува за нормална функција на дигестивниот систем. Овој вид јогурт е одличен функционален и хранлив производ што на вкусен начин помага во динамичното секојдневие. Тој ги содржи сите важни состојки за активен метаболизам и добро варење на храната. Редовната консумација на пробиотскиот јогурт ги намалува стомачните и дигестивните тегоби и позитивно влијае врз цревната флора. Поради високата количина млечна киселина и корисни бактерии, пробиотскиот јогурт се покажува како најефикасниот функционален производ, кој ги регулира непријатните симптоми на надуеност, проблемите со варењето и познатиот синдром „нервозни црева“.

„Лајт“ јогурт

За оние што внимаваат на својата вита линија, на пазарот се нуди јогуртот со намалена млечна масленост или т.н. „лајт“ јогурт. Неговата масленост е редуцирана на само 1 % млечна маст и најголемата разлика во споредба со обичниот јогурт е во калориите, додека, пак, есенцијалните хранливи вредности се како и кај сите јогурти. Некои мислат дека висината на маснотиите кај „лајт“ јогуртот се намалува преку разредување со вода, но тоа апсолутно не е точно. Всушност, тоа е процес во млекопроизводството каде што сите маснотии од млекото се одделуваат, а потоа се додаваат во различни проценти.

Кисел јогурт

Овој тип јогурт влегува во категоријата бели јогурти, кој има различен поинтензивен кисел вкус за разлика од обичниот јогурт. Киселиот вкус се постигнува со технолошкиот процес на ферментација и млечно-киселинските бактерии што со ферментација даваат специфичен млечно-кисел вкус. Киселиот јогурт ги содржи сите нутритивни вредности и густина како и регуларниот јогурт, единствено разликата е во киселкавоста на вкусот, внесувајќи поголема свежина при оброците и јадењата подготвени со него.

Сите овие типови јогурт се дел од широкото портфолио на Бимилк, како најголем млекопроизводител на македонскиот пазар. Без оглед кој тип јогурт ќе го изберете, преку консумацијата на јогурт на дневна основа ја подобрувате биорасположливоста на другите хранливи материи во организмот и го зголемувате имунитетот, а Бимилк е тука за да ви ги понуди најквалитетните јогурти произведени од домашно млеко според најсовремените стандарди за производство.

Фото: Pixabey