Дали решавањето на мистеријата на брашнестите црви може да го реши проблемот со пластичниот отпад?

Научниците веќе некое време знаат за нивната способност да јадат одредена пластика, а истражувачите сега дознаваат повеќе за тоа што се случува во внатрешноста на црвите и го реплицираат процесот надвор од нив.

0
178

Не можете да го поднесете пластичниот отпад на плажите кој го убива животот во морето и се пробива во синџирот на исхрана? Па, брашнестите црви можат – буквално. Растејќи подолго од 2 сантиметри, брашнестите црви претставуваат стадиум на ларви на брашнестиот бумбар. Научниците веќе некое време знаат за нивната способност да јадат одредена пластика, а истражувачите сега дознаваат повеќе за тоа што се случува во внатрешноста на црвите и го реплицираат процесот надвор од нив.
Потребни се околу 3.000 до 4.000 брашнести црви кои за околу една недела ќе изедат една чаша за кафе од стиропор, а бактериите што живеат во нивните црева ќе ја разградат пластиката, вели Ања Малави Брендон, докторски кандидат на универзитетот Стенфорд, која ја истражува оваа тема.
Кога брашнестите црви јадат полистирен – материјалот што се користи за стиропорот и често се наоѓа во амбалажата – тие излачуваат половина од тоа како јаглерод диоксид, а нешто како делумно деградирани честички, предизвикувајќи загриженост дека тие можат да додадат на растечкиот проблем со микропластиката – ситни парчиња од пластика што може да заврши во синџирот на исхрана. Но, искористувањето на нивната биологија може да претставува нова можност за тоа како ќе се справуваме со пластичниот отпад.

Брендон, која е експерт за пластика и одржливост на биопластиката, била дел од тимот кој минатата година објавил истражување кое покажува дека брашнестите црви можат да јадат полистирен, како и полиетилен – една од најчесто користените пластики во светот, која се наоѓа во сè, од пластичните кеси до шишињата за детергент.

Исто така, се покажало дека при јадењето полистирен, брашнестите црви излачуваат забавувач на пламен што понекогаш се додава на пластиката. Тоа значело дека токсичната хемикалија не се акумулирала внатре во брашнестите црви, па затоа нема да се пренесува преку синџирот на исхрана доколку се користат како храна богата со протеини за добиток како кокошки и свињи.

Понатамошните истражувања сега ги изолираат бактериите што јадат пластика и се пронајдени во цревата на брашнестите црви и ги одгледуваат надвор од црвите.
„Интересно е што бактериите што ги идентификувавме не се лудо нови, нечуени бактерии – тие се бактерии кои порано биле поврзани со распаѓање на други загадувачи на животната средина“, изјавила Брендон за Си-Ен-Ен.

„Тоа покажува дека во вистинското опкружување овие веќе познати бактерии се способни за разградување на пластиката“, продолжува таа. „Ова потенцијално значи дека другите бактерии за кои е познато дека случајно распаѓаат други хемикалии, би можеле да ја разградат пластиката под соодветни услови.
Брендон вели дека разградувањето на пластиката со бактерии надвор од црвите во моментов е побавно од брзината за која се способни црвите, но под соодветни услови, разградувањето е „побрзо од другите бактериски системи досега“. Таа не ги споделила деталите – вклучувајќи ги и имињата на бактериите – бидејќи истражувањето сè уште не е објавено.

Природно решение за рециклирање?

Загадувањето со пластика е еден од најгорливите еколошки проблеми. Неодамнешниот извештај на The Pew Charitable Trusts предвидува дека волуменот на пластика што влегува во океанот може да се зголеми за три пати до 29 милиони метрички тони годишно до 2040 година – што е еквивалентно на 50 килограми за секој метар од крајбрежјето на планетата.

Исто така, вели дека нема „единствено решение“, но дека „амбициозната стратегија за рециклирање“ може да намали 31-45% од загадувањето со пластика.
Брендон вели дека за да може брашнестите црви да бидат одржливо решение за рециклирање, треба да постои систем за собирање и третирање на делумно сварената пластика што ја излачуваат. Користењето на бактериите во биореакторските садови може да биде полесно да се контролира и нема да остави остатоци од пластика. Постои дури и потенцијал да се користат бактерии за разградување на пластиката во мономери, градежни блокови за други пластични материи.
Рамани Нарајан, истакнат професор по хемиско инженерство и наука за материјали на Државниот универзитет во Мичиген, вели дека науката што стои зад истражувањето во Стенфорд е „одлична“, но предупредува да не се екстраполира во решение за третирање на пластичниот отпад.

„Користењето на брашнестите црви нема да биде решение сè додека не кажете како можете да го интегрирате во постоечките инфраструктури за управување со отпад – и тука гледам голема неповрзаност“, вели тој, посочувајќи дека за целиот пластичен отпад би бил потребен огромен број на брашнести црви.

Докажани индустриски процеси за рециклирање на полистирен и полиетилен веќе постојат, вели тој, додавајќи дека можностите не лежат во технологијата, туку во собирањето и обновувањето на овие пластики.
Што се однесува до биолошките решенија, Нарајан се залага за дизајнирање на пластика што може да се компостира од микроби заедно со други биоразградливи цврсти материи во постојните средини за управување со отпад. „Не сакате да го промените екосистемот [управувањето со отпад]; сакате да го искористите екосистемот за да ви помогне да управувате со отпадот“, вели тој.
Засега, тестовите на Брендон со бактериите продолжуваат. „Сè уште сме далеку од тоа да го направиме опсежно“, вели таа, „но со нашето ново истражување … развивме систем што ќе ни овозможи многу побрзо да се преселиме во оваа иднина. Се надевам дека тоа ќе биде одржлива технологија“.

Фото: Pixabey