Дали сега навистина мора да ги дезинфицираме сите намирници?

Ако и вие од почетокот на состојбава губите по цел час за да дезинфицирате сѐ што ќе донесете од продавница, а торбата за пазарење ја фрлате веднаш за перење, сигурно ви е веќе смачено. Но дали мораме да ги дезинфицираме сите намирници кога ќе ги донесеме од маркет, објаснува Доналд Шафер, микробиолог и експерт за безбедност на храна за Science Alert.

0
1217

Досега нема докази дека Ковид-19 се пренесува преку храна. Најголемиот ризик кога станува збор за коронавирусот и намирниците, се другите луѓе кои се во продавницата додека пазарите.

Доналд Шафнер е микробиолог и експерт за безбедност на храна од Универзитетот „Ратгерс“ во Њу Џерси, САД. Тој одговара на неколку прашања поврзани со дезинфекцијата на намирниците во ова време на пандемија со коронавирус, откако ќе ги донесете од продавница..

Треба ли да ги чувате намирниците три дена во гаражата или во ходникот?

Ова е смешно. Дали навистина ќе ги чувате млекото, сладоледот, сувомесните производи надвор цели три дена? Тоа ќе има значајни импликации во однос на безбедноста на храната. Ова звучи како рецепт за катастрофа или – за расипана храна.

Има мало зрно вистина во овој совет бидејќи знаеме дека вирусот полека, во период од околу 8 часа, станува неактивен на собна температура. Овој совет претпоставува дека сите намирници се контаминирани и дека вие едноставно, со нивното допирање ќе се разболите, но ништо од тоа не е точно.

Дали навистина треба да ги дезинфицираме сите кутии и кеси што сме ги донеле дома?

Мислам дека ова исто така е совет кој нема смисла од научен аспект. Ако сте загрижени дека амбалажата на храната е контаминирана, ве советувам да си ги миете или дезинфицирате рацете пред да седнете да јадете од храната од тие пакувања. И погодете што, миењето на рацете пред да јадете е најдобрата практика дури и кога нема пандемија!

Миење на свежи производи со сапун?

Сапунот апсолутно не е направен за миење на храна. Ова може да предизвика гадење, повраќање и дијареја ако се внесе во организмот.

Препораките на научните експерти, вклучително и американската Администрација за храна и лекови се дека треба да ги миете свежите овошја и зеленчуци во ладна вода.

Дали торбите за повеќекратна употреба се ризични?

Многу луѓе користат торби за повеќекратна употреба како одговорен избор за заштита на природата. И ние во моето семејство го правиме истото. Најдобро е (а истото беше и пред пандемијата) редовно да ја перете торбата.
Иако теоретски е можно таа да собере бактерии, вклучително и коронавирус додека сте во продавницата, сепак, најголемата закана со која се соочувате е присуството на други луѓе во продавницата кои можеби се заразени со вирусот. Препорачувам да си ги чувате торбите за пазарење во автомобилот за да ви бидат при рака следниот пат кога ќе одите да пазарите.

Ако сте загрижени дека на нив можеби има коронавирус, можете да ја исперете. Исто така, треба да ги измиете рацете откако ќе ги сместите сите намирници. Но, ова беше добар совет и пред пандемијата.

Што можам да направам за да го намалам ризикот при пазарување?

Многу продавници и маркети нудат дезинфициенси за раце на влезот од продавницата и дезинфицирање на количките за пазарење. Двете нешта се добри идеи и купувачите треба да ги искористат ако се достапни.

Друг совет е да направите список за пазарење и да знаете што ви треба за да се движите брзо и ефикасно низ продавницата, земајќи ги работите од списокот.
Практикувајте соодветна социјална оддалеченост, давајќи сѐ од себе да бидете на растојание од околу два метри од другите купувачи. Ако има средство за дезинфекција на рацете, јас го користам и кога ќе излезам од продавницата и повторно дома кога ќе ги сместам сите намирници и ќе ги вратам торбите за пазарење во автомобилот.

Преземено од ТУКА.

Фото: Pexels