Дали се борите со бавниот метаболизам и вишокот килограми?

Со стареењето, процесите на телото почнуваат да се забавуваат, како и метаболизмот, што може да доведе до акумулација на вишок маснотии и килограми. Но, можеме да го забрзаме со некои видови храна

0
354

Метаболизмот е сложен процес со кој нашето тело, едноставно кажано, ја претвора храната што ја јадеме во енергија. Составен е од низа биохемиски реакции во текот на кои калориите од одделни намирници во комбинација со кислород ја ослободуваат енергијата потребна за извршување на апсолутно сите физички активности. Телото бара енергија цело време, и кога е во состојба на мирување, бидејќи и тогаш извршува голем број функции за кои обично не размислуваме – дише, ја потиснува крвта низ крвните садови, произведува хормони, ги регенерира клетките …Одреден број на калории мораме да потрошиме и на тие темелни телесни функции, односно, на базален метаболизам.

Неколку фактори ја одредуваат брзината на базалниот метаболизам, вклучително:
Градбата и големината на телото; луѓето со поголема мускулна маса согоруваат повеќе калории, дури и при одмор

Пол; мажите генерално имаат помалку маснотии и повеќе мускули отколку жените, па согоруваат повеќе калории

Возраст; Како што старееме, процентот на мускулна маса во телото се намалува, а процентот на маснотии се зголемува, што може да го забави метаболизмот.

Во принцип, метаболизмот е доста стабилен, но можно е да се забрза до одреден степен.

Што значи да се има брз метаболизам?
Телото чувствува многу придобивки од правилното функционирање на метаболизмот. Важно е да се запамети дека многу фактори се вклучени во метаболичката стапка, телесната тежина е само еден од нив. Кога за некого се вели дека има брз метаболизам, тоа значи дека лицето има стабилно ниво на енергија и тешко се заморува. Причината е што телото ефикасно ја обработува изедената храна во гориво, со што се обезбедува стабилен извор на енергија.

Луѓето со добар метаболизам полесно можат да останат ментално фокусирани, потешко да се здебелат и полесно да ослабат кога е потребно.

Метаболизмот се активира со јадење

На телото му требаат одредени хранливи материи за да се поттикне започне процес на согорување на маснотиите. Значи, за тоа треба да јадете; прескокнувањето оброци на долг рок не помага во губење на вишокот килограми. Но, треба да јадете одредена храна, онаа што ќе ви помогне за побрзо поттикнување на метаболизмот. Со цел забрзувањето на метаболизмот да биде успешно, потребно е, покрај прилагодената исхрана, да вложиме напор во вежбање и организирање на уреден живот.

Посно месо

Телото треба да работи понапорно за варење на протеините отколку јаглехидратите и мастите. Затоа, експертите препорачуваат јадење посно месо, како што се живина и риба. Нивната обработка во организмот бара многу енергија, што ќе троши повеќе калории. Истражувањата покажуваат дека протеините можат да го зголемат согорувањето на калориите после оброк за 35 проценти.

Понатаму, протеините се неопходни за градење на мускулна маса, и колку повеќе мускул имате, толку побрз ќе биде метаболизмот. Целта е да се вклучат протеини од извори без маснотии во дневното мени.

Мешунки

Грав, грашок, леќа … и друга храна од оваа група се одличен извор на протеини од растително потекло, и тие се богати со растителни влакна, растворливи и нерастворливи. Нашите тела имаат потреба од многу енергија за варење на влакна и протеини, а овој напор помага во одржување на метаболизмот во посакуваниот режим на работа.

Високата содржина на растителни влакна во мешунките помага во одржување на стабилно ниво на шеќер во крвта и спречува попладневни кризи во кои посакуваме нешто слатко. Мешунките, исто така, содржат железо, цинк, селен, минерали кои помагаат во одржување на нормалната функција на тироидната жлезда. Без нив, метаболизмот може да забави или да ослаби.

Јаткасти плодови

Оваа група на намирници е уште еден одличен извор на протеини и влакна. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои редовно јадат јаткасти плодови имаат помал ризик од развој на отпорност на инсулин и потесен струк од оние кои не јадат. Со подобра чувствителност на инсулин, помала е веројатноста да соберете маснотии во вашето тело или да развиете дијабетес тип 2. За варењето на јаткастите плодови е потребно и повеќе време, што е добро за метаболизмот, а исто така обезбедува и подолго чувство на ситост.

Згора на тоа, јадењето на овие плодови може да го забрза метаболизмот, велат истражувањата; тие бараат зголемена потрошувачка на енергија, што значи дека може да „изгорите“ дополнителни десет проценти од вкупната потрошувачка на енергија

Цели зрна

Целите зрна се сложени јаглехидрати кои вашето тело ќе ги вари подолго, што значи дека метаболизмот ќе работи стабилно подолго време. Со конзумирање на цели зрна, истражувањата покажуваат, потрошувачката на енергија после јадење се зголемува за 50 проценти во однос на потрошувачката по консумирањето на преработена храна.

Храната со сложени јаглехидрати обично содржи поголем број на хранливи материи, особено витамини од групата Б кои играат голема улога во преработката на храната во енергија, што е клучот за метаболизмот.

Особено, витаминот Б12 често се поврзува со слабеењето, бидејќи го „пумпа“ метаболизмот и обезбедува енергија на долг рок. Кога и да можете, одберете интегрални житарки наместо рафинирани, побарајте брашно од интегрална пченица, киноа, кафеав ориз, јачмен, пченка и овес.

Пробиотичка храна

Ферментирана храна, како што се јогурт, кефир, кимчи, кисела зелка, помагаат да се зголеми бројот на добри бактерии во цревата. Ова е важно затоа што тие се во голема мерка одговорни за варење на храната во цревата и за подобрување на внесот на хранливи материи од храната.

Кофеин

Кофеинот е моќен стимуланс познат по ефектот на будење и метаболички стимулирачки ефект. Дејствува со блокирање на невротрансмитерот аденозин, што влијае на циклусот на спиење и будност, охрабрувајќи ги другите невротрансмитери да ослободат повеќе допамин и норадреналин, што е прекурсор на адреналинот. Ова ни помага да се чувствуваме повнимателни и живи и да бидеме поактивни подолго. Но, премногу кофеин може да предизвика одговор на хроничен стрес и всушност да не измори, па затоа треба да останеме на пониски дози.

Студиите покажаа дека кофеинот може да ја забрза стапката на базален метаболизам за три до единаесет проценти, во зависност од дозата, но исто така може да го забрза согорувањето на маснотиите. Едно истражување открило дека кај луѓето кои земале додатоци на база на кофеин, согорувањето на маснотиите било забрзано за дури 29 проценти.

Фото: Pexels