Дали си набравте шипки за чај или, евентуално, за мармалад?

Нашата читателка Ана ни испрати фотографија од шипките кои ги набрала изминатиов викенд на Китка. Се вратила дома со 4 кг и вели: нема друго, ќе мора мармалад да се прави

0
229

Инспирирана од мармаладот на госпоѓа Мирјана и господин Бранко Ангелески, кој го купува веќе две години по ред, но и од четирите килограми шипки кои викендов ги набрале со својот сопруг на Китка, нашата читателка Ана Радованац решила да проба да направи и самата мармалад по рецептот од стариот готвач на мајка ѝ.

Рецептот го сподели со нас, а првата фаза, чистењето на шипките, вели, ѝ одзел најмногу време.

Рецептот за мармалад од шипки:

4 кг зрели крупни шипки

1 ипол килограм шеќер

Шипките измијте ги и отсечете ги петелките и црните капчиња. Со остро ноже преполовете ја секоја шипка и извадете ги семчињата. Исчистените шипки измијте ги во три ладни води, исцедете ги, ставете ги во тенџере со капак и оставете ги до следниот ден.

Утредента ставете во тенџерето ладна вода за да се покријат, и вклучете го шпоретот. Варете ги мешајќи, а кога ќе омекнат, испасирајте ги во сито, па вратете ги во назад во измиено тенџере. Додадете 1 ипол кг шеќер. Ставете го тенџерето повторно на шпоретот и варете мешајќи. Ако смесата била густа, ќе бидат доволно 20 минути. Колку е погуст мармаладот, толку подобро.

Префрлете го мармаладот во загреани тегли, па во млака рерна за да фати коричка. Кога ќе фати коричка, исклучете ја рерната и затворете ги теглите.

Најтешката работа, претпоставувате, е да се исчистат шипките од семчињата. Ама трудот се исплати.

Ако имате шипки, а немате време или едноставно ве мрзи да се впуштите во оваа авантура, тогаш исушете ги и цела зима правете си здрав чај од шипки.