Дали соја сосот треба да се чува во фрижидер?

Покрај сите млечни производи, тегли со џем, месни производи, овошје и зеленчук, се поставува прашањето дали има место во фрижидерот и за соја сос?

0
115

Вашиот омилен додаток на јадења (особено кога станува збор за кинески специјалитети) стана навистина незаменлив во кујната. Но, дали е потребно да се чува во фрижидер? Ако не сте баш сигурни, по овој повод ги откриваме тајните во врска со чувањето на соја сосот.

Дали мора да стои во фрижидерот?

Краткиот одговор е: не, не мора, во повеќето случаи.

Една од супер страните на ферментираната храна е тоа што од техничка гледна точка, таа може да преживее на собна температура некое време без да се расипе. Микроорганизмите што се наоѓаат во оваа храна не доведуваат до нејзино расипување, туку напротив, помагаат таа да се одржи во добра состојба.

Сосот од соја се прави од ферментирана паста од соја, печени житарки, саламура (солена вода) и зрна варен ориз. Процесот на правење трае со месеци, а благодарение на тоа солената кафеава течност преживува долго на собна температура. Така, сосот од соја нема да се расипе ако не го чувате во фрижидер, иако е можно со текот на времето, неговиот вкус да се смени за нијанса, но нема да му наштети на вашето здравје.

Неотворено шише соја сос може да трае до 3 години, додека отвореното може да се чува прилично опуштено надвор од фрижидерот до една година. Меѓутоа, ако го користите многу ретко и ако знаете дека нема да го консумирате дури ниту во текот на една година, во тој случај препорачливо е да го ставите во фрижидер за да го зачувате оригиналниот вкус.

Каде да го чувате на собна температура?

Како и маслиновото масло и кафето, сосот од соја треба да се чува подалеку од извори на топлина и директна сончева светлина. Ладен и темен шкаф е најдоброто место за вашиот омилен сос. Светлината и топлината го нарушуваат неговиот квалитет.

Фото: Pixabay