Дали сте го пробале славниот барањски кулен?

Барањскиот кулен е заштитен со географска ознака на Европската унија, ознака која го гарантира неговиот висок квалитет, традиционален рецепт и производство. Нашиот конкретен кулен-гостин е од селото Јагодњак, а неговите производители, семејството Татарин, повеќегодишни шампиони на традиционалната барањска куленијада.

0
238

Кога ќе ви дојдат на гости најблиски луѓе, кои се, патем, љубители на сувомеснати производи, ама не какви било, односно, индустриски, туку онакви, мераклиски, од мали производители, тие си доаѓаат „спремни“ – во малиот фрижидер за во автомобил си спакувале три парчиња најквалитетен хрватски кулен. Се разбира, набавен е директно од производителот, а производителот е неколкугодишен шампион на традиционалната куленијада во Барања, место во Хрватска познато токму по производството на кулен. И не само тоа, туку барањскиот кулен е заштитен со географска ознака на Европската унија. Оваа ознака го гарантира неговиот висок квалитет, традиционален рецепт и производство.

Барањскиот кулен од минатата година (2020) е ставен и на листата од 100 заштитени производи опфатени со договорот помеѓу ЕУ и Кина.

Да се ​​биде на листата од 100 производи што ЕУ ги издвоила од повеќе од 3000 заштитени производи е големо признание за производителите на барањскиот кулен.

Инаку, ако не знаевте, куленот се прави од најдобрите парчиња свинско месо (од шунка и кременадла) и мелена црвена пиперка.
Тоа е напорна и долга процедура во која е важно искуството и знаењето на кулинарските мајстори кои рачно го полнат секој кулен. По рачното полнење на месото во природна обвивка, т.н катица, куленот се чади на природен чад неколку дена, а потоа се става на созревање што трае минимум три месеци.

Единствената овална форма на барањскиот кулен му го дава природната обвивка, а полниот и богат пикантен вкус доаѓа од зрелото месо и најфините црвени пиперки.

Нашиот конкретен гостин кулен е од селото Јагодњак, а неговите производители, семејството Татарин, повеќегодишни шампиони на традиционалната барањска куленијада.