Денот го почнуваат со насмевка, а го завршуваат со шампањ

Доста веќе нутриционистички совети, да видиме како се храни некој кој изгледа навистина добро. На пример, Снежана Богдановска-Сани и нејзината ќерка Анастасија. Она што дознавме е дека многу вежбаат и да, не живеат за да јадат, туку обратно, а кога станува збор за омилено јадење, за Сани тоа е сѐ што е комбинација на зелено, солено, слатко и луто, а за Анастасија: аспарагус, артичоки, шкампи ‘и питата на мама кога ме испраќа и пречекува од пат’.

0
612

Сани ја знаеме како една од првите манекенки во Македонија, и жена која повеќе од 20 години ја следи модата низ призмата на моден новинар. Одвреме навреме сѐ уште чекори по модната писта, рамо до рамо со својата ќерка Анастасија.

Ги прашавме за нивните секојдневни навики во поглед на исхраната, но и генерално, за животниот стил и односот кон храната.

„Пасијата за здрава храна започна спонтано за во текот на годините да стане животен стил и тотална преобразба на навиките и односот кон храната. Анастасија ја започна приказната за набргу потоа на нејзина сугестија и јас да навлезам во неа. Тргнавме со вежбањето, а бидејќи вежбање без соодветна исхрана не значи ништо, многу брзо комплетно ги сменивме прехрамбените навики. Од старт доживотно отфрливме сѐ што е априори штетно, присвојувајќи попатно сѐ што е докажано како полезно. Но Анастасија е толку секогаш темелна во сѐ па љубопитството толку ја вовлече во нутриционизмот што стана вистински експерт и познавач на таа тема.

Моето лично мени започнува наутро со овошје, смуди или „грчки јогурт“, ручек од готвени јадења од зеленчук, морски плодови, риба, печурки, мешунки и многу зрна“, раскажува Сани.

Анастасија пак, се чини, е многу поригидна кога станува збор за храната па на прашањето дали и како почнала со здрав начин на исхрана и како изгледа нејзиното дневно мени, вели:

„Од желбата за грижа за себе, преку редовно откривање на нови начини, до достигнување на константа наречена здрава исхрана. Иако можеби менуваме навики и толкување на информациите за тоа што значи здраво за нас, сепак, секогаш се задржуваме и инсистираме на она што е најдобро и најздраво за нас во тој момент. Веќе долги години мојот вообичаен ден содржи само 2 оброци кои ги конзумирам на радиус од 6 часа, а се состојат исклучително од салати и морски плодови. За разлика од клише идејата за здраво, во мој речник тоа значи без тесто, паста, ориз, пченка, зрна, шеќер, овошје и млечни производи. Дозата слатко на денот ми е шампањот и наздравувањето со Сани, а виновно задоволство – дегустацијата на различни кашкавали и плави сирења“.

Нивна интерна шега е дека е најдобро да се започне денот со шампањ, а да се заврши со насмевка, но засега, велат, се држат до оригиналната верзија на Мерлин Монро, па денот го започнуваат со насмевка, а го завршуваат со шампањ, буквално.

„Или, во практичен превод, денот го започнуваме со чистење на телото, преку лимон, сода, вода со јаболков оцет, а го завршуваме со чистење на мислите и неизбежното ‘живели’“, вели Анастасија.

На прашањето дали имало периоди кога со тешка мака се воздржувале од некој вид на храна, за да не се здебелат или пак никогаш немале проблем со килажата, Анастасија вели дека се најважни мотивот и решеноста и клучни во надминувањето низ стрвот со леснотија. Признава дека имало и тешки моменти, но дека кога храната ќе се сфати како гориво, лек и алатка, а ќе се конзумира зависно од знаците кои телото ни ги дава, а не како замена за други задоволства, тогаш телото нема проблем да ја достигне и одржи својата оптимална форма. На тоа патешествие за неа, откажувањето од шеќер и тесто било најтешкиот од, но и најбрз за привикнување, од кое сега веќе нема враќање.

Сани пак, до пред десетина години јадела што сака и имала константна тежина. Но, природниот процес почнал да ги менува линиите на телото и дошло времето за аларм. Една од најдобрите одлуки била да почне да вежба, како што вели, ‘благодарение на моќната сугестивност на Анастасија’, и тоа потполно ѝ ја изменило мисловната матрица, а со тоа и животниот стил.

„Денеска сум потенка отколку на времето кога бев манекенка“, се смее таа.

Инаку, веќе подолго време Сани е вегетаријанка, но од скоро, поради здравстената состојба на нејзиниот сопруг која изискува строго целна органска и неживотинска храна, сега нејзиниот кулинарски репертоар е заснован на новоизнајдените вегански ‘ѕвезди’ како, мајонез од индиски ореви, млеко и сирење од бадеми, пита од хељдини кори и слично. Па сега единствени животински продукти кои се внесуваат во нивниот дом се храната за нивните домашни  миленици, кучето и мачките.

„Љубовта кон животните нѐ наведе постепено да ја намалуваме конзумацијата на животински продукти. Сознанијата за компромитираните хранливи вредности кои ги содржат нѐ натера да пресечеме. А фактот дека ги чувствуваме бенефитите не натера да истраеме“, додава Анастасија.

За навиките на професионалните манекенки кога станува збор за храна, Сани вели: „Претпоставувам дека во светот манекенките мораат да градат навики со кои ќе го одржуваат телото во форма доколку сакаат да опстојат во суровиот и безмилосен свет на модата. Кај нас е очигледно дека воопшто не се грижат за тоа, ниту пак некој тоа го бара од нив. Ниту фитнес, ниту внимателна исхрана, ниту балансиран животен стил. Сѐ е оставено е на она што природата го дала, па и тогаш кога тоа ќе почне да се нарушува не им е баш гајле. Затоа имаме манекенки со недозволиви димензии, а за целулит на 20 години и да не зборуваме“.

Според Анастасија, манекенките мора да го одржуваат телото во оптимална форма, почитувајќи ги сите негови процеси. „Постојат правила што и кога треба да се консумира, а за да се достигне оптималната манекенска форма на тело, и со вежбање, а без гладување. Вистинските манекенки го прават тоа заносно, па дури и имаат cheat денови и оброци кои ги одржуваат во нормала.

Фантастични и фасцинантни се напорите и трудот кои Ангелите на Викторија Сикрет ги внесуваат во подготовките пред кастингот, а потоа и до ревијата. Нивните начини на исхрана се вреден пример за следење, затоа што се базирани на суперхрана и добар извор на енергија за да се издржат до три тренинзи дневно“.

Кога станува збор за омилено јадење, за Сани која е сепак голем гурман, тоа е сѐ што е комбинација на зелено, солено, слатко и луто, а за Анастасија: аспарагус, артичоки, шкампи ‘и питата на мама кога ме испраќа и пречекува од пат’.

Инаку, никогаш не им е тешко да се договорат околу храната, напротив, се надополнуваат, меѓусебно се инспирираат и постојано сакаат да испробуваат нови вкусови.

А бидејќи никој од семејството не робува на гладот, лесно можат да ги поместуваат тајминзите на договор за семејниот ручек.

Анастасија веќе неколку години живее одвоено од родителите, но семејните ручеци им се чести и инспиративни. Уживаат заедно да готват, но „шефот“ во кујна е сепак мама Сани.

За Анастасија ‘трошењето’ време за подготовка на храна отсекогаш било непотребно. И покрај тоа, претпочита да јаде дома.

„Компромисот се салати и зеленчук и морско, приготвени најлесно (а со тоа и најбрзо) што може. Времето одвоено конкретно за семеен ручек е друга приказна и посебно задоволство, највеќе затоа што внимателниот избор на мени и подготовка се и дополнителен начин да се пренесе љубов, внимание и грижа, а вкусот е секогаш совршен по наша мерка“, вели таа.

Разликата помеѓу мајката и ќерката е во одговорот на прашањето за уживањето во слатки.

Сани ги јаде постојано. Се разбира, тоа се слатки без шеќер, јајца и бело брашно што е база на 80% од рецептите за слатки. „Овие останати 20% проценти се најиновативните рецепти кои може да се замислат. Слаткото може да биде и здраво со безбројните заменски алтернативи кои се нудат. Сепак, правам ерес на родендени и свадби“, вели Сани.

Анастасија на слаткото никогаш не гледала како на непријател. „Добра храна, добро издозирана му прави добро и моменти на задоволство на телото. Но во еден од предизвиците на воздржување од одреден тип на храна (во конкретниот случај од било каков природен и неприроден шеќер) телото самото ми се одвикна од потребата од шеќер. После 10 дена режим успеав да го избришам она што ми беше најголема слабост и хајлајт на денот – чоколадото. Сега спонтано ги одминувам сите искушенија, а благото го уживам само за дегустација на нови“, објаснува таа.

И двете вежбаат пасионирано, а Сани, по повредата од пред две години, се обидува да се врати во форма.

„Се обидувам да го вратам интензитетот, формата и енергијата, но враќањето е потешко од почнување од почеток. Во секој случај тоа е навика од која никогаш нема да се откажам исто како и практикувањето на пливање три пати во неделата.

За нејзината ќерка важи правилото 20% храна, 80% вежбање. Тоа е задолжителен елемент во нејзината дневна агенда, а формата и зачестеноста зависат од работните обврски.

„Првиот оброк е најдоцна што можам (некаде од 14 до 18 часот), а вториот најрано што би можела да го затворам фрижидерот во мене. Начелно, нацртот е: пливање претпладне, теретана попладне, а трчање во ретки денови на доста слободно време. Најновата пасија за скокање јаже и учење трикови ја исполнува секоја минута независно“, завршува Анастасија.