Добредојдовте во иднината: Навалете на месо и не се секирајте за планетата

Извршниот директор на американската компанија Impossible Foods, една од сè побројните компании за производство на лабораториско месо, најави свет без месо до 2035.година. Нивната стратегија се фокусира првенствено на вкусовите на потрошувачите, а не на нивната еколошка свест, па затоа имаат намера да ги направат своите алтернативи за месо повкусни, поздрави и поевтини од вистинските.

0
235

Сè почна со лажниот бургер. Тоа беше првиот производ направен од растенија за луѓе кои сакаат мелено говедско месо и за кој велат дека го има вкусот што тие го знаат и го сакаат.

Дури, ако претпочитате да јадете растителна храна, можете да најдете и вегетаријанска плескавица која навистина крвави и има вкус на месо.

Компаниите за производство на лабораториско месо, како Impossible Foods и Beyond Meat постојат околу една деценија, но со време стануваат сè попопуларни. Тие прават месо од растенија за луѓе кои сакаат месо, растенија и сè што е помеѓу нив.

Кој е најдобриот дел од ова?

Тоа што оние кои го пробале (особено е актуелно во САД, каде што е веќе ставено во менијата на многу ресторани), велат дека е вкусно, преполно со хранливи материи и подобро за планетата.

Таканаречениот – невозможен хамбургер може да се најде во многу ресторани низ САД, но овие компании на застанаа на тоа.

Тие направија и свинско месо кое дебитираше за прв пат на Саемот за потрошувачка електроника (CES) во Лас Вегас, кој е најголем на светот.

Лани, на веб-самитот на тема: Дали е возможен свет без месо, извршниот директор на компанијата Impossible Foods, најави свет без месо до 2035.година.

„Нашата мисија е целосно да ја замениме употребата на животните како прехранбена технологија до 2035 година“, најавил Патрик О. Браун.

На веб-самитот во 2020 година, О. Браун зборувал за влијанијата врз животната средина од производството на месо и за долгорочната цел на неговата компанија за постепено укинување на месната индустрија.

О. Браун, ја декодира хемијата, односно она што го прави месото вкусно, а потоа ги реплицира тие вкусови во одржливи растителни прехранбени производи кои ја надминуваат месната индустрија.

Решавањето на овој проблем не е само зголемување на профитот на Food Impossible, кој веќе се проценува на околу 4 милијарди долари. Браун рекол дека станува збор за заштита на светот од двете „најголеми закани за животната средина со кои се соочило човештвото“: брзото напредување на климатските промени и катастрофалната загуба на биолошката разновидност.

„Далеку најголемиот фактор во двата проблеми е употребата на животните како прехранбена технологија, на глобално ниво. Тоа е убедливо најразорната технологија во историјата на човештвото“, рекол тој, додавајќи дека индустријата за животинска храна е поштетна за животната средина отколку фосилните горива.

Досега, меѓународните напори за борба против климатските промени беа само маргинално ефективни. Програмата за животна средина на Обединетите нации објави дека дури и ако потписниците на Парискиот договор ги исполнат своите наведени цели, се предвидува дека глобалните температури ќе се зголемат во текот на овој век, „донесувајќи уште пошироки и попоразителни влијанија врз климата“.

На национално ниво, очигледно е тешко да се убедат владите да поставуваат и да се придржуваат до климатските политики. И на индивидуално ниво, можеби е уште потешко да се натераат луѓето да го променат своето однесување во име на околината; размислете колку би било тешко да се влијае на луѓето да престанат да летаат, да трошат помалку електрична енергија или да се префрлат на електрично возило. Сега замислете да барате од просечен американски граѓанин кој оди во ресторан да се откаже од месото засекогаш.

Затоа, стратегијата Impossible Foods се фокусира првенствено на вкусовите на потрошувачите, а не на нивната еколошка свест. Компанијата има намера да ги направи своите алтернативи за месо повкусни, поздрави и поевтини од вистинските.

Крајната цел е постепено укинување на месната индустрија.
Ова може да изгледа како донкихотска цел. На крајот на краиштата, алтернативните компании за месо како Impossible Foods и Beyond Meat постојат околу една деценија и иако и двете беа несомнено успешни, потрошувачката на месо во САД не се променила многу. Сепак, вообичаените алтернативи за месо – како Burger King’s Impossible Whopper, додадени во менијата минатата година – се релативно нов феномен за повеќето потрошувачи. И како што луѓето се повеќе се запознаваат со овие производи и како што растат алтернативните компании за месо, а производите од растително потекло се поевтини од месото, ова би можело да се менува.


Ако Браун е во право, постепеното укинување на месната индустрија би можело мерливо да ги намали климатските промени, имајќи предвид дека стоката во моментов придонесува со 14,5 отсто од глобалните емисии.
„Со замена на животните како наша технологија за производство на месо, можеме да го вратиме часовникот на глобалното затоплување и да ги вратиме домашните екосистеми“, пишува на блогот на Impossible Foods.

А ако се прашувате од што се прави ова лабораториско месо, тоа не е тајна и можете да го најдете на страниците на оваа компанија.

Во глобала, кога станува збор за протеините што ги содржи ова лажно месо, тие доаѓаат од сојата и компирот, додека пак клучот за вкусот на месото е истата молекула што го прави и одличен извор на железо: хем. Тие почнале со екстракција на хем од коренските јазли на сојата, но потоа нашле подобар начин. Зеле ДНК од овие растенија од соја и ја вметнале во генетски модифициран квасец. Потоа го ферментираат овој квасец (на многу сличен начин на кој се прави белгиското пиво) за да произведе хем.

Кокосовото и сончогледовото масло му го даваат на Impossible Burger сочниот шмек.
Метилцелулозата (кулинарско врзивно средство што најчесто се наоѓа во сладолед, сосови и џемови) и прехранбениот скроб го спојуваат сето тоа. 

Секако, при зајакнувањето на популарноста на лабораториското месо, а со тоа и на профитабилноста на неговата инвестиција, вреди да се споменат пандемијата, екологијата и веганството како важен фактор.
Најпрво, пандемијата покажа бројни недостатоци на денешното општество, меѓу кои и проблемот со снабдувањето со храна, особено месо, и се постави прашањето дали секој може да јаде природно произведена храна. Покрај тоа, веганството и активизмот
за животните растат ширум светот. Овие групи на луѓе силно се спротивставуваат на „нехуманите услови“ за одгледување животни на фарми и штом растителното месо ќе биде добро прифатено, веганите веројатно ќе ја прифатат оваа алтернатива во која животните не се загрозени, но има поинтензивен вкус од растителното месо.

Atelier Crenn во Сан Франциско е еден од најдобрите ресторани во светот. Тие неодамна одлучија во својата понуда да внесат и лабораториско месо, што ѝ дава дополнителна промотивна вредност на оваа индустрија. Оваа промена ја воведе Доминик Крен, една од најдобрите готвачки во светот, која е исто така и познат активист. Таа, пред неколку години, целосно го укина месото во својот ресторан заради „неетичките практики на одгледување животни на фармите“. Форбс објави дека на чиниите на споменатиот ресторан ќе има пилешки производи од матични клетки произведени од Upside Foods, а Crenn тврди дека нивното пилешко има автентичен вкус.

Во секој случај, оваа индустрија продолжува да напредува и да се шири, па на листата од производи, освен бургер и свинско месо, има и колбаси, а најновиот изум се пилешките медалјони.

И кога ќе размислиме подобро, веќе и не изгледа толку невозможно тоа што го планираат овие компании, а тоа е укинувањето на месната индустрија. Сетете се, всушност, сè почна од музиката, па денес ди-џеите собираат повеќе публика отколку најдобрите музичарите, иако тие не мора дури ни да ги знаат нотите, ниту пак треба да знаат да свират на некој инструмент. Доволен им е компјутерот со чија помош ќе вклопат различни семплови од архивата и ете ти т.н. композиција.

Сега, очигледно, на ред дојде кујната.

На саемот кој веќе го споменавме погоре, ЦЕС, најголемиот саем на потрошувачка електронија во Лас Вегас, се прикажаа различни чудесни технолошки достигнувања, но и никогаш повеќе кујнски елементи.

Компанијата Вебер, специјализирана за скари, покрај веќе популарната телефонска апликација лансирала и комплет од сензори за идеални резултати. Сензорите во облик на игла се боцкаат во месото и ја мерат промената во неговата структура. Надворешниот уред го подесува степенот на печење и го алармира скараџијата кога да го преврти или да го извади месото од скарата.

Па така, не мора ниту да се користи вистинско месо. Токму компанијата Impossible foods, инаку, редовен изложувач на саемот, тука го претстави своето прасечко со растително потекло, а претходно и веге бургерот кој дури и „крвави“ како вистински, доколку сакате помалку печено месо.

Оние кои го пробале ова месо велат дека е вкусно како и вистинското, брзо заситува, но и брзо се огладнува, а прилината за ова е тоа што има помалку калории од вистинското месо, што неговите творци и го рекламираат како предност.

Ние сме уште далеку од тоа, ама ако некогаш на менијата на нашите ресторани стаса некоја лабораториска десетка со кромид, се пријавуваме за проба.

Фото: Фејсбук (Impossible food)