Домашен сируп против грип

Денеска на улица 'Македонија' почна манифестацијата 'Денови на македонскиот мед 2020', па оттука и нашиот денешен предлог - како со помош на здрав, органски, македонски мед да си направите ефикасен сируп против грип

0
413

Манифестацијата ‘Денови на македонскиот мед 2020’, која почна денеска на улица ‘Македонија’ се одржува веќе 16 години по ред. Организатор на настанот е пчеларското здружение ‘Матица’, а посетителите на манифестацијата можат да ги разгледаат штандовите кои од година во година се се побогати со различни видови на мед, но и други пчелни производи.

Токму оттука е и инспирацијата за нашиот денешен предлог – како со помош на здрав, органски, македонски мед да си направите ефикасен домашен сируп против грип.

Се разбира, станува збор за еден вид природен антибиотик кој особено се препорачува за време на сезоната на грип, и како превенција, и за лекување и за опоравување.

Возрасните можат да го земаат наутро, на празен стомак, по една лажица. Ако сакате, можете и да го растворите во малку млака вода и да го испиете.

Состојки:

1 чешне лук
2 лажици мед
2 лажички рендан ѓумбир
половина лажичка каенски пипер
половина лажичка цимет
2 лимони

Приготвување:

Исцедете лимон во тегла и додадете ситно сечкан лук, рендан ѓумбир, каенски пипер и цимет.

Измешајте ги добро сите состојки и на крај додадете го медот. Мешајте за да добиете еднолична смеса, па префрлете ја во чиста тегла и добро затворете ја.

Оставете ја да стои на собна температура во следните четири часа, а потоа префрлете ја во фрижидер, кадешто може да стои најмногу пет дена.