Еблескиве: Најпознатиот дански божиќен десерт

Подготовката на дански палачинки е прилично едноставна, слична на правењето крофни. А за нас ги направи, чекор по чекор, данската снаа, скопјанката Валентина Петерсен.

0
517

Aebleskiver (еблескиве), или во превод од дански, парчиња јаболко, е најпознатиот десерт во Данска кој обично се прави за Божиќ. И не, во него воопшто нема јаболка, името го добил по формата која потсетува на јаболко.

Всушност, станува збор за дански палачинки за кои постои и специјално тавче за таа намена – aebleskiver pan.

Но не се обезхрабрувајте, и ако немате, советува нашата читателка и пријателка, скопјанката Валентина Петерсен, можете да ги направите во калапи за мафини и во рерна. Интересно е, вели таа, тоа што се превртуваат со помош на игла за плетење или на стапче.

Состојки:

3 јајца (Валентина користи природни јајца од својата фарма во атарот на село Моране)

Малку сол

250 г брашно

100 г стопен путер

400 мл пола-пола млеко и хопла

1 лажичка прашок за пециво

1 лажичка сода бикарбона

Приготвување:

Се матат посебно белките и жолчките. Во жолчките се додава млекото со хоплата, солта, путерот и брашното со содата и прашокот за пециво. Потоа се додаваат изматените белки, полека се промешува и се пржат во тавче премакано со путер.

Се јадат со мармалад или со шеќер.