Еве како е да се живее на место кое е популарна туристичка дестинација

Цената на храната често може да биде застрашувачка и понекогаш е тешко да се држи чекор со зголемувањето на цените. Особено ако се наоѓате на Хвар. Тука, во разговор со локалните жители сфаќаме дека цените не се застрашувачки само за нас и само во споредба со македонските, туку и за нив.

0
318

Дека цената на храната често може да биде застрашувачка и понекогаш е тешко да се држи чекор со зголемувањето на цените сфаќате ако се наоѓате малку подолго на некоја популарна туристичка дестинација како што е островот Хвар. Тука, во разговор со локалните жители сфаќаме дека цените не се застрашувачки само за нас, кои доаѓаме од Македонија, туку и за нив. Односно, сфаќаме дека не е проблемот само во тоа што доаѓаме од држава кадешто просечната плата е барем двојно помала од просечната плата на Хрватите, туку проблемот е во лакомоста на трговците кои сакаат максимално да ја искористат сезоната која иако е веќе септември, се уште е во полн ек.

А локалните жители на Хвар се плашат да одат во продавница па велат: Ова се цени за тешки богаташи, а сите немаме апартмани за издавање… Грав и праски – 40 куни (тоа е нешто повеќе од 300 денари), тоалетна хартија – 45 куни (значи повторно нешто околу 320-350 денари), а обични смокви и до 70 куни (значи, речиси 10 евра). Дали е тоа нормално?! Секако дека не е. И не дај боже да ожедните ноќе затоа што ќе ви бараат до 40 куни за литар вода во една од продавниците кои се отворени 24 часа. Истата можете да ја купите и наутро во продавниците кадешто ќе чини 10 куни, но и тоа е премногу. Ако пресметате во денари, се е премногу, како на пример и обичниот сладолед на стапче купен од фрижидер на плажа кој чини 20 куни (околу 3 евра или 180 денари).

Многу локални жители ги купуваат најосновните намирници во продавници на големите хрватски ланци во Стари Град или Јелса. Бидејќи во овие продавници, иако припаѓаат на истиот синџир како и во Хвар, цената на идентични производи може да биде пониска за една до неколку куни. Цената на истите производи може да варира за неколку куни и во зависност од тоа дали продавницата се наоѓа во центарот на Хвар или во предградието каде циркулацијата на туристи е помала.

Во споредба со Сплит пак, цената може да биде пониска и до десет, дваесет, четириесет или повеќе куни. Се чини дека секој производ плаќа билет за брод, а тоа е невозможно да се следи. И тоа е секогаш случај во Хвар, бидејќи таму доаѓаат богатите. Па, ние не сме богати. А што е со хрватските пензионери, или со оние луѓе во Хвар кои немаат станови, чамци, вили, згради, кои не нудат туристички услуги. Тие живеат со тоа, бидејќи продавниците ја зголемиле цената за странците, па покрај нив страдаат и тие. Жителите на Хвар велат дека секое лето ги погодува ценовна катастрофа. А да не зборуваме за цените во рестораните и кафулињата, иако можат да се најдат и места со цени за секој џеб само треба да знаете како да ги најдете.

„Еден начин да се намали влијанието на цените и да се намалат трошоците е да се вратиме на шпоретот и да готвиме. Ги бараме оние семејни рецепти кои собираат прашина на полиците за книги и забораваме на ги готовите јадења и брзата храна. Готвиме свежи, локални, сезонски производи. Не само што е поевтино, туку добиваме и похранлива и повкусна храна, а кога туристите ќе заминат, како и секогаш, цените ќе се вратат во нормала“, се тешат локалните жители.