Еколошки погреби: Бидете ѓубриво 30 дена после смртта

Американката Катрина Спејд смислила еколошки процес на погребување такашто телата на починатите ги претвара во ѓубриво кое семејствата подоцна можат да го расеат околу билките и дрвјата и на тој начин би ѝ го вратиле долгот на планетата.

0
422

Процесот кој го смислила Американката Катрина Спејд, а се однесува на погребување кое ги претвара телата на починатите во ѓубриво за почвата и е, според неа, на некој начин враќање на долгот кон природата, се состои од ставање на телото во запечатена капсула со пилевина, луцерка и слама. Телото полека се врти за да им се овозможи на микробите да го разложат, наведува БиБиСи. После 30 дена остатоците му се предаваат на семејството кое може да ги расее околу билките или дрвјата.

Спејд тврди дека природното органско распаѓање на телото спречува емисија на 1,4 тони јаглерод во атмосферата за време на процесот на кремирање. И, таа е убедена дека постои слична заштеда во споредба со традиционалните погреби кога се зема предвид превозот на починатиот и производството на ковчезите.

„Кога ќе умрам, зарем не би требало на оваа планета која ме штитеше и ме поддржуваше цел живот, да ѝ го вратам она што останало од мене. Тоа е толку логично, а и убаво“, вели Спејд.

Погребувањето на луѓето со претварање на посмртните остатоци во ѓубриво би требало да почне од февруари следната година во американската сојузна држава Вашингтон.

Фото: Pixabey