Ех да имав сега едно здраво чоколадо, поточно, една мешунка рогач!

Поради ниската содржина на шеќер и маснотии рогачот е добра алтернатива за луѓето кои се обидуваат да изгубат неколку килограми, а обожаваат чоколадо. Едноставно кажано, рогачот е здраво чоколадо.

0
409

Пред неколку години, на пазарот во Стари Град на хрватскиот остров Хвар купивме половина килограм рогач за околу 2 евра. Ова е прилично евтино ако се земе предвид дека во античко време семките од рогач служеле како единица мерка за мерење на злато. Имено, семките од рогач, без оглед на големината и условите на чување, секогаш имаат еднаква маса од 0,18 грама. Тежината на една семка е еднаква на тежината на 1 карат злато. Овој назив се употребува и денес за 0,18 грама злато.

Оттука, само една мешунка која ја грицкав за појадок, а имаше точно 11 семки, ми легна на желудникот како 11 карати злато.

Рогачот е добро позната традиционална медитеранска намирница која е лесна за одгледување бидејќи не бара премногу внимание и дава многу плодови што можат да се искористат за здравје и за лекување на одредени болести. Рогачот содржи голем број лековити состојки како што се: антиоксиданти, витамини А, Е, Д и Б комплекс, магнезиум, калциум, калиум и други.

Младото дрво обично раѓа дури по 6 – 7 години. Кога мешунката е зрела, таа потемнува и станува сплескана, сува и долгнавеста. Мешунките се обично долги од 13 до 30 цм и широки 2,5 цм. Плодовите можат да останат релативно зачувани и со години ако се на дрвото.

Инаку, пржениот рогач е најпогодна замена или додаток на кафето, а свежиот е добра замена за мелени ореви.

Рогачот брзо лекува дигестивни и гастроентеролошки проблеми. Поради високата содржина на влакна, има пробиотичко дејство, ја ублажува дијарејата кај доенчиња и деца и содржи активни состојки ефикасни во борбата против астма и мачнини.

Во традиционалната медицина, рогачот се користел за да помогне при проблеми со дигестивниот систем. Постојат голем број студии кои го докажуваат ова тврдење.

Освен тоа, подобро е да грицкате рогач, отколку чоколадо, бидејќи вкусот на рогачот најмногу се поистоветува со вкусот на чоколадото.

Рогачот ќе ви го снижи холестеролот, ќе ве заштити од токсини, ќе ви помогне да го зајакнете имунитетот и ќе ги спречи алергиите, богат е јаглехидрати, рибофлавин, калиум и калциум.

Сепак, и покрај сите благодати, рогачот е неправедно запоставен, а јас повеќе не сум сигурна дали сум сонувала или не, ама до скоро бев убедена дека како мала сум ги јадела овие мешунки во градскиот парк во Скопје. Веројатно сте имале можност некогаш да наидете на стеблата чии зрели мешунки ѕвечкаат и паѓаат на земјата, а речиси никој не ги собира. Е сега, дали е тоа тоа, вистински рогач, или не, повеќе не сум сигурна. Ме убедуваат дека не е.

Затоа пак, на Хвар, од нив локалните жители прават и ракија „рогачуша“, но има и такви кои ги мелат сувите плодови и произведуваат брашно од рогач кое потоа може да се употреби за изработка на колачи, кекси, леб, топли напитоци, компоти, намази, салати, …

Многумина го користат во колачите наместо какао во прав, а поради сладоста, и како замена за дел од количината шеќер предвидена за рецептот.

Рогачот има двојно поголема количина на калциум од какаото, не содржи соединенија кои предизвикуваат главоболки и мигрена, не содржи маснотии и кофеин. Одличен извор е на минерали и витамини и како и какаото, содржи полифеноли, антиоксиданти кои го намалуваат ризикот од срцеви заболувања.

Поради ниската содржина на шеќер и маснотии рогачот е добра алтернатива за луѓето кои се обидуваат да изгубат неколку килограми, а обожаваат чоколадо. Едноставно кажано, рогачот е здраво чоколадо. Тој е исто така многу важен и за луѓето на кои не им е дозволено да консумираат кофеин и шеќер поради кандида, хеликобактер пилори или цисти.

Се разбира, за секого може да биде добро да пие напиток од рогач наместо кафе или какао или барем да замени една шолја кафе или какао со шолја напиток од рогач. Рогачот е добар за здравјето на очите и кожата поради високото ниво на витамин А и витамин Б2 што ги содржи.

Како да подготвите топол напиток од рогач?

4 дцл млеко по избор

4 лажици рогач во прав

1 лажица мед

1 лажица кокосово масло

Приготвување:

Ставете го млекото да се грее, па додадете го рогачот, медот и маслото и полека загревајте, но не дозволувајте да зоврие за да не ги изгуби лековитите и нутритивните својства на состојките.

Фото: Pixabay