Здравје за појадок – каша од хељда

Причината зошто хељдата е толку популарна е секако нејзиниот нутриционистички состав, но и фактот дека може да ја консумираат луѓе кои се интолерантни на глутен.

0
285

Хељдата е популарна како здрава храна поради нејзината висока содржина на протеини и биофлавоноиди. Содржи минерали како железо, манган, магнезиум и јод и витамини Б1 и Б2, а за разлика од другите житни култури, содржи голема количина на антиоксиданти.

Покрај тоа, содржи повеќе од 80% скроб, додека остатокот е составен од белковини, влакна, протеини и масти.

Здравствени придобивки од хељдата

Хељдата помага во контрола на шеќерот во крвта, поради што некои експерти сметаат дека е погодна за оние кои страдаат од дијабетес тип 2. Иако најмногу се состои од скроб, заради влакната што се наоѓаат во хељдата, таа е исто така добра за дебелото црево и дигестивниот систем. .

Исто така, откриено е дека хељдата ги подобрува липидите во крвта и се смета за фактор за намалување на ризикот од срцеви заболувања.

Како да ја консумирате?

Хељдата сѐ повеќе се користи во кујната и често се преработува во брашно, каша или тестенини. Кашата, односно хељдата зготвена во вода, се користи на ист начин како оризот, и е главна состојка во многу традиционални европски и азиски јадења.

Се разбира, хељдата е одлична и како самостоен оброк за почеток на денот, за здрав, вкусен и богат појадок кој ќе ви обезбеди енергија, витамини и минерали за целиот ден.

Подгответе каша од хељда и за вашите најмали, кои сакаат да истражуваат вкусови, но и за тинејџерите кои понекогаш „забораваат“ на оброкот и за кои тоа ќе биде одличен почеток на напорниот ден, како и за себе кога сакате целосен оброк.

Важно е да знаете дека кашата може да се направи од целосно сирова хељда, само ако ја натопите во вода преку ноќ. Затоа кога купувате внимавајте на податокот дали купувате сирова или печена хељда.
Кашата од печена хељда е повкусна, но предноста на сировата каша е токму тоа што зрната се натопуваат пред да се консумира и да се зготви (и покрај натопувањето можете да ја сварите накратко, околу 5 минути), што им дава можност до одреден степен да се ослободат од фитинската киселина. Имено, фитинската киселина ја намалува можноста за апсорбирање на некои хранливи материи, што е дел од одбранбениот механизам на секое зрно кое сака да започне живот и да стане растение, наместо да заврши како нечија храна. Како што го натопуваме во вода, тоа „мисли“ дека има шанса да ‘рти и да расте, па почнува да ослободува фитинска киселина.

Хељдата се вари во вода во однос 1 спрема 3, односно, на 50 грама хељда се додаваат 150 мл вода (ова е количина доволна за 1 порција).

Подготовка на каша од сирова хељда:

Ставете 50 г сирова хељда во 150 мл вода и оставете ја да кисне минимум половина час, максимум 12 часа. Потоа исцедете ја, исплакнете ја добро, вратете ја во тенџерето. Додадете нови 100 мл вода, додадете сол, доведете до вриење, намалете ја топлината и варете ја уште неколку минути, без мешање додека не испари водата.

Подготовка на каша од печена хељда:

Истурете малку сол во 150 мл вода и загревајте до вриење, додадете ја печената хељда, промешајте само колку да се распореди рамномерно на дното на тенџерето. Веднаш штом водата ќе зоврие, намалете ја температурата и варете без мешање додека не остане многу малку течност на дното (одозгора се гледаат само „суви“ зрна и неколку меури врела вода на дното), околу 5-10 минути. Исклучете го шпоретот, покријте го тенџерето и оставете го покриено уште 5-10 минути.

Промешајте парче путер или лажица масло и додатоците што ви се допаѓаат. За солена варијанта ставете лажица маслиново масло, рендано сино сирење (50 гр на порција) и сушени домати. Или ставете обарен зеленчук, или направете ја со урда. Има безброј комбинации, а оди одлично со сите.

За слатка верзија, кога ќе се свари хељдата, додадете бадемово или некое друго млеко и измешајте. Додадете ако сакате чиа семе, измешајте и тргнете го садот од оган. Почекајте малку да се олади па додадете банана, јаболка и суво овошје и јаткасти плодови по избор. За љубителите на послатки вкусови можете на крајот да додадете и мед.

Фото: Pixabay