Земјаците на Итар Пејо направија апликација што ќе ве шета низ Мариово

Ти се шета викендов низ Мариово? Може! Чекај да ја симнам само апликацијата за да не води. Апликација? А нема водич турата? Не, ќе нè води мобилниот. Ама јас сакам некој што знае да не упати на вистинските места, да раскаже нешто интересно за нив, не само да акам без цел … Така де, апликацијата е совршен водич со широки познавања, ќе ни каже сè. Ти да не си играш мајтап со мене?

0
524

Можеби вака би реагирале ако досега не сте слушнале за таканаречените самоводечки тури (self-guided tours), наспроти оние класичните групни тури со професионален водич чија маана е токму тоа што станува збор за поголеми групи луѓе кои мораат постојано да се „влечат“ заедно па понекогаш кога сакате да сте на некое друго место, а не таму каде што се сите, може да се чувствувате како во стапица.

Наспроти нив, самоводечките тури овозможуваат поголема независност и слобода, но и чувство на сигурност во прилики кога сакате самостојно да патувате во некоја област која не ја познавате.

Иако ваквите самоводечки тури постојат од поодамна, па како што вели нашиот соговорник Јове Парговски, тие не измислиле топла вода, сепак, тоа е прва самоводечка тура која води низ Мариово и ви овозможува да го правите тоа сами или во помали групи, на пример, со семејството или со најблиските пријатели. Токму ваквиот вид на патувања станале поактуелни во периодот на пандемијата со ковид-19, кога луѓето не сакаа да се мешаат со големи групи и со многу луѓе. Ова го препознале Јове Парговски и тимот од RuralAdventure.mk кои стојат зад проектот „Мобилниот телефон – ваш водич низ Мариово“.

 

„Уште пред ситуацијата со ковид-19, регионот Мариово имаше јасно изразен недостаток на туристички водичи и информации за туристичките потенцијали. Луѓето на разни начини го посетуваа Мариово, но без некаков конкретен предлог на тури, локации или информации за местата кои ги посетуваа.

Сфативме дека самоводечките тури се решение, аплициравме во Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ). Бевме готови во март 2021.

Сега самоводечките тури се поставени на нашата веб страна www.RuralAdventure.mk, која има функционалност слична на мобилна апликација и ве следи за време на вашето патување. Имено, по изборот и преземањето на саканата тура, добивате мапа со траса која е ваша водилка за време на патувањето. Кога ќе пристигнете до одредена локација се активира аудио нарација на еден од четирите јазици. За време на вашето патување, апликацијата ви дава и совети и информации, исто како да сте со локален водич.

Следен чекор е да се направат во Мариово доволно капацитети за спиење, затоа што ако туристите не се задржат на јадење и не преноќат барем 1-2 ноќи, тогаш го добивате само најлошото од туризмот. Ние успеавме да привлечеме туристи, но не сакаме тоа да се премногу луѓе, туку сакаме тие што ќе дојдат да ги задржиме да останат барем 2-3 дена, за да има корист и локалното население, и да заживее крајот.

Изминатата година се реновираа некои куќи кои ќе можат да се издаваат за туристи. Како дел од овој проект, се креирани содржини за 35 локации во битолскиот дел на Мариово (под Општина Новаци) на македонски, англиски, француски, германски и знаковен јазик.

Локациите се поврзани преку шест предлог тури, од кои четири се пешачки, а две се наменети за велосипед или теренско возило. Ја избирате посакуваната тура и го оставате вашиот телефон да ве води“, објаснува Јове.

Бидејќи на одредени локации во Мариово нема телефонски сигнал, се препорачува да се користи и бесплатната апликација izi. Travel, каде исто така се поставени турите и се достапни и кога сте офлајн.