Земјоделие за време на карантин

Не мора да имате огромно земјиште за да станете земјоделец. Доволна е мала градина и еден викенд како овој - карантински. И искусен сосед кој ќе ви подели некој земјоделски совет бидејќи веќе со години во својата градина си сади се и сешто, а вие едноставно, немавте време! Епа еве, сега имате...

0
858

Откако Турците го зазеле Скопје, земјиштето на денешно Тафталиџе било во сопственост на едно од најпознатите и најугледни турски семејства Хаџи Гали-бегови.

Тие на својот огромен имот во Тафталиџе не одгледувале никакви култури туку целото земјиште било зелена ливада на која бегот изградил само неколку дрвени куќарки. Впрочем, населбата го добила името од турскиот збор тахталиџе, што во превод значи токму тоа – маало со дрвени куќи.

Откако Скопје било ослободено од Турците и земјиштето не било ничија сопственост, Тафталиџе важело за излетничко место кое поради чистиот воздух и убавата природа кај граѓаните било познато како воздушна бања. Десетина години по Втората светска војна, кога Скопје почнало масовно да се населува, почнале да се градат куќи и во овој дел од градот.

Денеска нема ништо од ‘воздушната бања’. Ниту чист воздух, ниту убава природа – само густо населени улици кои стануваат се потесни и потесни како што старите дрвени бараки изградени после земјотресот се претвораат во станбени згради.

Сепак, некои од староседелците во населбата не се даваат и велат: Доста од згради и автомобили!

Овој прв карантински викенд тие го искористија за земјоделие. Така де, зошто па би имало само згради, рози и зелени тревници. Нели треба и нешто да се јаде? А и добро е за рекреација, нели?

Веројатно на соседите од околните згради нема да им се допадне погледот на малите нивички оти ќе ги потсетува на нивите од кои побегнале, ама веројатно ќе сфатат и што изгубиле. А можеби и нема.

Како и да е и што и да се случи, годинава ќе имаме органска тафталиџанска рукола, босилек, нане, оригано, компири, цвекло, пашканат,…

Како тргнало со коронава, ќе ни требаат многу корења за да преживееме.