Знаете ли зошто овие колачи се викаат падобранци?!

Ако очекувавте одговор, ние го немаме, но се надеваме дека некој од вас го знае и ќе го сподели со нас. Инаку, овие колачи кои се многу слични на модерниве - макаронс, се се уште нашите омилени. Не можевме да одолееме да не го загриземе

0
450

Сите скопјани ги знаат најубавите падобранци кои се правеа во „Ригара“. Долго потоа, кога и да ни дојдеа гости од странство, ги испраќавме со кутија падобранци, за по пат.

Последниве години се појавија оние француски колачи кои толку многу личат на нашите падобранци, макаронс, ама падобранци си се падобранци.

Од каде го добиле ова чудно име, се уште не дознавме, но се надеваме дека некој од вас, ќе го знае овој податок и ќе го сподели со нас и со сите вљубеници во старите добри падобранци.

Еве како оди рецептот за домашни падобранци. Оној од „Ригара“ остана тајна.

Состојки:

280 г ореви (мелени)

350 г шеќер

8 јајца

8 лажици шеќер

3 лажици брашно

250 г путер

Приготвување:

Одвојте ги белките од жолчките во средно големо тенџере. Во белките ставете ги мелените ореви и 350 шеќер. Во едно тенџерче ставете околу 2 прста вода и ставете ја на оган да зоврие. Потоа тенџерето со белките, оревите и шеќерот ставете го одозгора.

Варете ја смесата на пареа на умерен оган околу пола час мешајќи на секои 2-3 минути. Откако ќе се свари, тргнете ја настрана и оставете ја убаво да се олади.

Во меѓувреме, изматете ги жолчките со додавање на 8-те лажици шеќер една по една, се додека не добиете компактна смеса. Префрлете ги изматените жолки во тенџерче, и повторно варете над пареа 13 до 15 минути (додека шеќерот не се стопи убаво, а масата не се згусне) со задолжително постојано мешање.

Кога ќе се свари кремот, оставете го да се подизлади па додадете го целиот путер исечкан на коцки за да се стопи побрзо и мешајте убаво.

Оставете го да се олади до собна температура, а потоа ставете го во фрижидер Додека филот се лади, проверете дали смесата за тестото (белките, оревите и шеќерот) е на собна температура, па додадете ги 3-те лажици брашно и убаво промешајте. Со мала лажичка или со шприц ставајте во тепсија обложена со хартија за печење.

Печете ги во убаво загреана рерна на 160 степени околу 15 минути. За да бидете сигурни дека се готови, отворете ја рерната и пипнете одозгора. Треба да е мека површината но сепак да се чувствува како коричка. Внимавајте да не ги препечете.

Оставете ги да се оладат, а потоа спојувајте ги по две со помош на филот. Веднаш ставете ги во фрижидер и оставете ги преку ноќ пред да ги послужите.