Знаете ли што се тоа шпецли?

Нашата читателка Ана Радованац ни испрати рецепт и фотографии од овој германски специјалитет за кој постои и посебна 'алатка', но може да послужи и обична метална или пластична цедалка за шпагети

0
356

Нашата редовна читателка Ана Радованац ја наследила ‘алатката’ за шпецли од својата мајка која пак ја добила од своите роднини во Германија. Откако го видела видеото на Џејми Оливер во кое тој прави шпецли заедно со една баба со потекло од Германија, добила желба да ги испроба.

Вели дека Џејми во видеото наместо со оваа алатка ги направил со помош на метална цедална за шпагети.

А еве го и рецептот:

Состојки:

За тестото:

6 јајца

300 г брашно

100 мл млеко

малку сол

Додатоци:

400 мл крем за готвење

150 г рендан кашкавал

1-2 главици кромид

путер или масло

Приготвување:

Состојките за тестото се мешаат со миксер. Ќе добиете погусто тесто од тестото за палачинки.

 

Истурете го тестото во цедалката и со помош на пластична плосната лажица или нешто слично, помогнете му на тестото да излезе низ дупчињата (ситни мали топчиња, како мали кнедлички) право во зовриената вода. Кога ќе испливаат на површината, извадете ги со дупчеста лажица.

Ставете ги шпецлите во тава, додадете го кремот за готвење и ренданиот кашкавал. Настрана испржете сечкан кромид на путер или на масло и мешајте додека не се зарумени. Со ова прелијте ги шпецлите и ставете ја тавата во загреана рерна. Нека се пече 10-15 минути.