Зошто е важна водата? Бидејќи без вода не можете да направите кафе

Денес е меѓународен ден на кафето, па ако и вие сте од оние големи љубители на кафе кои сметаат дека водата е важна најмногу заради тоа што без неа не може да се направи кафе, еве неколку совети како да го усовршите правењето на совршено кафе

0
75

Први октомври е прогласен за меѓународен ден на кафето, најконсумираниот пијалaк во светот, после водата. Вистинските љубители на кафе велат дека водата е најважна за живот, бидејќи без вода не можете да направите кафе. Се смета дека ритуалот на пиење кафе потекнува од Етиопија, уште од 15-ти век.

Денес, Бразил има најголемо производство на кафе во светот и на овој светски ден, се истакнува важноста од фер и етичка трговија со кафе.

Неофицијалниот празник треба да ве потсети да уживате во популарниот пијалак со силна арома и примамлив вкус, иако, веруваме дека не ви треба потсетување. Сепак, никогаш не е на одмет некој совет плус на темата – како да направите совршено кафе.

Малите детали навистина можат да го променат вкусот на кафето и да го направат почетокот (или кој било период) од денот уште подобар.

Едно од нив е да се купи свежо мелено, квалитетно кафе – specialty coffee. Ако не пиете многу кафе, добро е да изберете помали пакувања бидејќи по отворањето на кафето аромата брзо згаснува. Доколку не го чувате во оригиналното пакување, префрлете го кафето на место каде што нема да оксидира.

Освен во кафето, тајната е и во меката вода. Тврдата вода го расипува вкусот, па во тој случај добро е да имате филтрирана вода при рака. Исто така, за добар резултат, не ја загревајте водата двапати. Ако загревате во бокал, почекајте 30 до 60 секунди за да се излади малку откако ќе зоврие за да ја добиете идеалната температура. Обичните лажички за мерење кафе не се најдобро решение бидејќи количината, а со тоа и вкусот, зависи од тоа колку ќе ги наполните.

Ако сакате да бидете сигурни дека секогаш ќе подготвите подеднакво добар напиток, подобро е да користите мерна лажица која се користи за подготовка на десерти – како и да ја измерите количината на вода во милилитри. Без разлика дали користите ѓезве за кафе, мока или апарат за кафе, секогаш исчистете ги добро, бидејќи резултатот зависи и од тоа.

Ако пиете кафе со млеко, најдобриот избор е обезмастено млеко (околу 4 проценти маснотии) што фино ќе ја ублажи горчината. Кремот не се препорачува како додаток бидејќи премногу маснотии ќе спречат да ги почувствувате сите мириси и вкусови.

Фото: Unsplash