Изникнат кромид и лук: Дали се штетни за здравјето и безбедни за јадење?

Изникнатиот компир укажува на зголемена количина на штетното алкалоидно соединение соланин, но со лукот и кромидот приказната е поинаква ...

0
322

Лукот се смета за природен антибиотик и чувар на имунитетот, а покрај тоа има и бројни корисни ефекти врз организмот. Но, што да правиме со него ако изникне? Треба да го фрлиме или да го користиме? Додека никнатите компири значат поголема количина на соланин, штетно алкалоидно соединение што служи како природен пестицид, а е присутно во зголемени концентрации во зелен, оштетен или изникнат компир, лукот сепак се разликува.

Токсичните клици од компирите можат да предизвикаат тегоби со варењето или главоболка, па затоа дефинитивно треба да се отсечат, но со лукот нема причина за страв. Една студија сугерира дека изникнатиот лук е поздрав од обичниот бидејќи содржи повеќе антиоксиданти. Лукот никнува поради старост, но исто како и кромидот, поради неправилно чување и големи количини на влага.
Главиците на кромид и лук што ги купуваме во продавниците често поминуваат многу време во магацин или на полиците пред да ги однесеме дома. Добрата вест е дека никулците се безбедни за јадење, но можат да имаат горчлив вкус. Горчливата нота нема да биде толку изразена во варени или печени јадења, но ако ги јадете сирови може да ви пречи.
Ако не сакате да ги јадете, можете да ги засадите па да одгледате нови главици. За да не ‘ртат, чувајте ги кромидот и лукот на темно и ладно место со добра циркулација на воздухот. Добро е да се знае дека откако ќе никнат, кромидот и лукот брзо ќе почнат да скапуваат. Никогаш не ги чувајте на исто место како јаболката, крушите, кајсиите, праските, сливите, бананите, кивито или мангото, бидејќи овие плодови ослободуваат етилен, гас што го забрзува зреењето.

Фото: Pixabay