Има помали пастрмки или сите ви се по пола кило?

Вака некако праша еден дечко кој веднаш по мене влезе во рибарница... „Што е ова, една риба пола кило, па стварно нема смисла! Кажете им да не ги прават толку големи, безобразни, епа не ви купувам“, рече налутено и си излезе од рибарницата. Хм, како мислиш - да ги прават?!

0
491

Кога купувам свежа риба секогаш си мислам, денеска ќе имаме супер здрав ручек. А бидејќи сите дома сакаат риба, таа е најдобар избор за нашите семејни ручеци.

Иако планот ми беше да купам по една пастрмка за секого, кога видов дека нема помала од пола килограм, купив 4, па решив да си ги делиме по пола. А купувачот кој влезе по мене и онака налутено си замина од рибарницата откако им порача на продавачите да им пренесат на сопствениците на рибниците да ги прават рибите помали, некако ми го скрши меракот.

Јас сакам да си замислувам дека рибата е тукушто уловена па донесена рано наутро во рибарницата, а не од рибник, товена.

Така, реченицата на дечкото: „Кажете им да не ги прават толку големи, безобразни, епа не ви купувам“, ми дојде како шлаканица.

Како и да е, рибите си ги купив и ги спремив онака по мое, со маслиново масло, лимон, сол, црн пипер, малку лукче и неколку гранчиња свеж рузмарин. А како прилог, сечкан магдонос со маслиново масло, сол, сок од лимон и уште лукче.

Пастрмките се печеа пола час под фолија, а потоа уште 10-15 минути без неа… Товени или не, што и да значи тоа, рибата беше многу вкусна.

Сепак, кажете им да ги ‘прават’ помали…некако е поубаво кога секој си има свое парче, нели?

Фото: PS visualart