Индијци и Филипинци прават ајвар и лутеница на брод во Англија, во време на корона

Кога нема гости на бродот, а ти останале 300 кг пиперки и домати што кај да е ќе се расипат, а главен во кујна е македонскиот шеф Виктор Настески, логично е пиперките да се претворат во ајвар, а доматите во салца. Иако во актуелната состојба во светот нема ништо логично, ова правење ајвар и лутеница од Индијци и Филипинци среде англискиот канал, ќе признаете, е еден од почудните настани

0
6461

Шеф Виктор Настески кој во ова време невреме замина на работа на брод, наеднаш поради пандемијата на коронавирусот се најде во ситуација да биде шеф на кујна на брод без гости, со многуброен персонал и огромна количина преостанати намирници.

Откако поради короната нивното крстарење завршило 5 дена порано од планираното, на бродот останала многу поголема количина свеж зеленчук и овошје отколку што нормално би останало на крајот на крстарењето во нормални услови.

„Се најдов во многу деликатна ситуација – што да правам со толку зеленчук и овошје сега кога немам гости, а бројот на вработени не е толкав за да може да ја изеде сета таа храна додека е сѐ уште во рок.

Тој зеленчук и овошје беа пред расипување и имавме неколку дена за одлука.

Успеавме голем дел од зеленчукот да спасиме, па така, од доматите (300 кг) направивме доматен сос и дел од него замрзнавме, а карфиолот (150 кг) го обаривме и го замрзнавме. Истото го направивме и со спанаќот.

Додека ја гледав огромната количина на пиперки кои ни останаа, поточно, цели 300 килограми, наеднаш ми светна – ќе правиме ајвар и лутеница“, објаснува Виктор.

Во мигот кога му дошла оваа фантастична идеја, им соопштил на колегите, главно Индијци и Филипинци, дека цел ден ќе треба да лупат пиперки. На крајот од март, во време на корона, Индијци и Филипинци, на чело со македонски шеф, на брод закотвен во англискиот канал, денеска прават ајвар и лутеница!

„Пиперките ги испековме и од поголемиот дел се прави лутеница, а од помал дел – ајвар бидејќи имам многу мал број на Балканци, знам дека ајварот нема да биде популарен кај персоналот кој доаѓа од Азија, но лутеницата ќе биде“, сигурен е шеф Виктор.

На бродот имаат и 900 кг банани и 100 кг сливи.

„Од сливите ќе правиме компот и десерти, а од бананите секој ден ќе се прават смуди и колач од банани“, додава тој.

Инаку, нивниот брод е веќе 11 дена закотвен во Довер и никој не смее да го напушти сѐ додека не добијат натамошни инструкции.