Ифтарската трпеза на скопското семејство Галапчеви-Хајдари

Четиричленото семејство, Тијана и Даниел и нивните деца Дауд и Адам секоја ифтарска вечера ја почнуваат со молитва (дова). Потоа земаат по некоја урма и чашка млеко и така го завршуваат постот за тој ден. А потоа...потоа на трпезата почнуваат да се редат волшебните чинии на госпоѓа Тијана  

0
1654

По нашиот текст за Рамазан, први кои со нас и со вас ги споделуваат фотографиите, рецептите и своите ритуали за ифтарската вечера, се нашите сограѓани, семејството Галапчеви-Хајдари.

Тијана и Даниел и нивните синови, матурантот Дауд и неговиот помлад брат, дванаесетгодишниот Адам, секоја вечер за време на Рамазанските пости седнуваат на маса и ја почнуваат ифтарската вечера со молитва (дова).

Потоа земаат по некоја свежа урма и по една чашка млеко, а потоа, е дури потоа следуваат вистинските нешта – превкусните јадења на госпоѓа Тијана која секоја вечер со љубов ги подготвува за своето семејство.

„Секоја вечер го завршуваме постот со урма затоа што е урмата богата со сѐ што му треба на еден организам. Во старите времиња претежно урми јаделе и тие им биле доволни.

Потоа, продолжуваме со супа, затоа што е потребно да се внесе малку течна храна. Вечерва направив пилешка супа со зеленчук и домашни кнедли (трганци) кои се прават такашто се мешаат едно јајце, сол и брашно за да се направи густа смеса која потоа, кога е супата готова и додека сѐ уште врие, со помош на вилушка се става внатре. Кнедлите веднаш се варат, па не треба долго да врие.

После супата за денешната ифтарска вечера подготвив сириски шиш таук (пилешки раженчиња). Другите додатоци беа од македонската народна кујна, пиперка, домат, кромид…

Рецептот за Шиш таук е едноставен, а целата мајсторија е во маринадата. Пилешки гради се маринираат неколку часа, а потоа месото е толку меко што се топи во уста.

За килограм бело месо (кога имате дома тројца мажи, ви треба барем килограм) се прави маринада од 4-5 лажици кисело млеко, лук во прав, куркума и црвен пипер, кумин, сол и црн пипер по вкус, сок од еден лимон, една лажичка цимет во прав и 2-3 лажици маслиново масло.

Кога се пржи месото, во тавчето се става малку зејтин за да не се залепи маринадата и треба да е добро загреан. Раженчињата се пржат по 2-3 минути од секоја страна или додека не добијат боја.

Се сервираат со сос од лук.

По ова се пие црн чај во кој е убаво да се стави или цимет или ѕвездест анасон. Чајот помага при варењето на храната и ги отстранува потешкотиите.

Циметот дејствува  на крвниот притисок, а ѕвездестиот анасон го забрзува метаболизимот.

И на крајот од оброкот јадеме овошје или правиме милкшејк од млеко, банани и јаболко, урми, а понекогаш и јагоди. Пред спиење, го клањаме последниот намаз и по него што се клањасекоја вечер само во месец Рамазан. Учиме уште малку Коран и одиме на спиење. Стануваме да јадеме уште еден оброк пред да изгрее сонцето.

Пиеме вода и во одредено време, го отпочнуваме постот.

Денот треба да е исполнет со духовни работи како што е проучување и читање на Алаховата книга, размислување за нашето постоење и слично. Исто така, се трудиме да им помогнеме и на луѓето околу нас и во светот. Овој месец за нас е посебен бидејќи секое добро дело, е наградено повеќе пати и тоа е време кога луѓето бараат прошка за своите гревови. Тоа е време кога човек се труди да стане подобар кон себеси и кон другите“, порачува нашата читателка Тијана Хајдари и ни ветува уште нови и интересни рецепти и во иднина.