И уште еднаш…дали кафето е навистина добро за нас?

И, зошто е одговорот на ова прашање - да!

0
78

Малку работи се толку вткаени во нашата (и не само нашата) култура и потсвест, како кафето и „кај нас“, оние што не го пијат се попрво исклучок отколку правило. За жал, многу често се смета за симбол на нездрав живот – заедно со цигарите – и голем број на луѓе ќе ви се жалат дека се обидуваат да „престанат“. Дали работите се навистина толку црни? Не се. Кафето нема да ви нанесе никаква штета, напротив. Под услов да го пиете на вистинскиот начин.

Што значи „вистински начин“

Прво и најважно, ова подразбира умереност. Општоприфатениот став на лекарите е дека дневниот внес на кофеин до 400 мг е безопасен за здравите возрасни (ова е еквивалент на околу четири шолји кафе). Обемните истражувања објавени во 2017. година во списанието British Medical Journal донесува докази за тоа дека лицата кои умерено консумираат кафе имаат помал ризик од кардиоваскуларни заболувања, како и предвремена смрт, дијабетес тип 2, Паркинсон и Алцхајмерова болест. Ова, секако, звучи многу официјално, но треба само да се потсетиме на фактот дека т.н. Медитеранска исхрана се смета за еден од најздравите начини на исхрана, како и на тоа дека вклучува и вино и кафе. Значи, повторно се враќаме на умереноста.

Другата ставка се однесува на тоа какво кафе пиеме. Денес, за жал, многу сме далеку од италијанското еспресо или дури и од капучиното, а од сите страни не „напаѓаат“ големи кафе-лате, мока и фрапучино варијации на темата. Кај сите нив најмалку има кафе, но затоа има големи количини шеќер, ароми, адитиви и разни видови млеко. Пресметајте сами (но овие пијалоци се практично колачи во течна состојба).

Што содржи кафето?

Иако многумина го поврзуваат исклучиво со кофеинот, шолја кафе содржи и полифеноли (конкретно хлорогена киселина) кои имаат антиоксидативно и антиинфламаторно дејство, потоа Б витамини (Б1, Б2, Б3 и Б5), како и магнезиум и калиум.

Дали е важно за каков вид кафе станува збор?

Секако. Не е исто дали пиете квалитетно еспресо, филтер, инстант или турско кафе. Еспресото е најсилно и една шолја содржи околу 100 мг кофеин, потоа одат филтер кафето, па турското и, на крајот, инстант кафето. За некои луѓе, овие податоци се исклучително важни затоа што имаат полиморфизам – генетска модификација која го забавува, меѓу другото, и разградувањето на кафето – што во превод значи дека кофеинот останува подолго во нивниот организам. Ако не можете да спиете и ги чувствувате ефектите на кофеинот, иако последното кафе сте го испиле напладне, ѝ припаѓате на оваа група.

Дали кафето предизвикува зависност?

Да. А покрај тоа, толеранцијата на кофеинот расте со текот на времето. Кафето е најголем извор на кофеин во нашата исхрана (иако го има и во црниот чај, енергетските пијалоци, па дури и во чоколадото). Околу половина час по консумирање, кофеинот го постигнува својот целосен ефект – крвните садови се собираат, се зголемува крвниот притисок, ние сме разбудени и мислите ни се фокусирани, полни сме со енергија. На телото му се потребни во просек, четири до шест часа за да го свари кофеинот.

Ако нагло престанете да консумирате кафе, очекувајте симптоми како што се главоболки, замор, нервоза, потешкотии во концентрацијата и лошо расположение.

Лошите страни на кафето

Ако го занемариме прекумерното консуирање на кафе, на што ние како општество сме склони, овој пијалок како таков може да има негативни последици за луѓето кои имаат проблеми со дигестивниот систем, рефлукс и висок крвен притисок. Екстремно високи дози на кофеин можат да бидат фатални, но невозможно е да се постигнат со пиење кафе – зборуваме за еквивалент на околу 50 чаши еспресо – па случаите на предозирање се поврзани со употреба на прав и таблети кои содржат кофеин (како многу производи за слабеење).

Дали додавањето на шеќер и млеко ги поништува придобивките од кафето

За ова нема научни докази, но многу е лесно да се дојде до два заклучоци: првиот – дека малку млеко и малку шеќер не се најлошото нешто што може да му се случи на човекот и, за жал, вториот – дека за жал, сѐ поретко станува збор за мали количини затоа што доминираат напитоци на база на кафе кои сѐ повеќе се разликуваат од неговата оригинална форма.

Значи, на крајот на краиштата, треба да се грижиме повеќе за тоа што се става во кафето отколку за самото кафе. Како што веќе рековме, пијалок полн со шеќер, лоши масти и други адитиви нема придобивки за нашето здравје – напротив – и во него може лесно да се соберат и повеќе од 800 калории.

Фото: Pixabey