Како да направите сами безглутенско брашно од леќа?

За ова економично, безглутенско, високопротеинско брашно за тестенини, за леб, пецива и колачи, ви треба само една состојка и се подготвува во едноставен процес од четири чекори

0
153

Не е тајна дека леќата е неверојатно популарна во вегетаријанската кујна, особено во индиските јадења. Всушност постојат неколку видови леќа, вклучително и пуи, зелена и црвена леќа – секоја од нив има малку поинаков вкус и се готви поинаку. Сепак, оваа мешунка е одлична и за едноставна опција за брашно без глутен – совршено за тестенини без глутен или за пекарски производи.

Што е брашно од леќа? Сè што ви треба е неварена, исушена леќа што се меле во ситно брашно подготвено за употреба. Можете за ова да користите црвена леќа, иако и сите други ќе бидат одлични.

Здравствени придобивки од брашното од леќа

Леќата, генерално, има неколку здравствени придобивки. Еве само неколку од придобивките поврзани со овој мешункаст зеленчук.

Богата е со протеини и растителни влакна – всушност, само една шолја (околу 200 гр) варена леќа содржи 18 гр протеини и 15,6 гр растителни влакна (3-4 пати повеќе влакна отколку во традиционалните тестенини). Ова ќе се разликува малку кога се користи суво брашно. Влакната се одлични за поддршка на здравјето на цревата и стомакот. Во меѓувреме, протеините се совршени за оние кои се на вегетаријанска исхрана.
Содржи помалку тешки јаглени хидрати – во споредба со другите опции за брашно, иако не во големи количини. Леќата исто така има низок гликемиски индекс, одличен за подобрување на нивото на шеќер во крвта.
Добар извор на есенцијални аминокиселини и антиоксиданти – одличен за целокупното здравје на телото и заштита на организмот од штетните слободни радикали.
Содржи разновидност на витамини и минерали – вклучувајќи фосфор, калиум, магнезиум, бакар, манган и цинк!
Богато е со железо – што може да го немаат оние кои не јадат месо.
Содржи широк спектар на фитохемикалии – растителни соединенија кои можат да го заштитат организмот од разни хронични болести, како што се срцеви заболувања и дијабетес тип 2. Тие всушност имаат силни антиинфламаторни и антиоксидантни својства, а студиите покажаа дека го запираат растот на клетките на рак.
Може да го заштити здравјето на срцето – Едно истражување покажало дека дневната потрошувачка на леќа може да го зголеми нивото на „добар“ HDL холестерол, истовремено намалувајќи го штетниот ЛДЛ холестерол и триглицеридите. Исто така може да биде корисно за здраво ниво на крвниот притисок.
Од друга страна, вреди да се спомене дека леќата, како и многу мешунки, содржи некои антинутриенти, што може да влијае на тоа како нашите тела апсорбираат одредени хранливи материи.

На пример, леќата содржи инхибитори на трипсин, што може да влијае на апсорпцијата на протеините. Сепак, нивоата се доволно ниски за да се каже дека немаат многу голем ефект.
Исто така, содржи фитинска киселина и лектини, како и многу мешунки, кои можат да се врзат за одредени хранливи материи и да спречат нивна апсорпција. Тие исто така можат да предизвикаат проблеми со дебелото црево. Иако, исто така, се вели дека содржат и антибактериски и антиканцерогени својства, додека фитинската киселина содржи и антиоксиданти.
На крај, иако мешунките генерално содржат антинутриенти, постојат начини да се намали ефектот, вклучително и натопување и готвење на леќата (што исто така делува и во форма на брашно). Ако секојдневно не јадете големи количини на овие антинутриенти, ова не треба да стане преголем проблем и сепак ќе ги апсорбирате повеќето хранливи материи.

Рецепт за брашно од леќа
Опрема:

Мелница за житарки

Состојки:

1 килограм леќа по ваш избор; црвена, зелена, кафеава

Постапка за подготовка:

Чекор 1: Исплакнете ја леќата

Исплакнете ја леќата во сито со фина мрежа. Отстранете ги сите обезбоени зрна и остатоци што можат да бидат присутни со леќата.

Чекор 2: Потопете ја леќата (по избор)

Ако сакате да ја потопите леќата за да го намалите дејството на антинутриентите, можете да го сторите тоа во оваа фаза.

Ставете ја леќата во голем сад со доволно вода (собна температура) за да ја покрие. Оставете ја леќата да кисне околу 4 часа или по желба преку ноќ.

Исцедете ја и исплакнете ја еднаш натопената леќа.

Чекор 3: Исушете ја леќата

Наредете ја на голема површина (на пример, чаршав обложен со хартиена крпа или кујнска крпа) и оставете ја да се исуши или може да ја ставите во дехидратор или во рерна (на најниска температура).

Сè додека користите ниска температура, леќата нема да изгуби хранливи материи.

Чекор 4: Тостирање на леќата (по избор)

Овој чекор е по ваш избор, но ако сакате повкусно брашно од леќа, добро е да го направите. Можете да го направите ова со еден од двата методи.

Ставете ја леќата во голема тава и тостирајте неколку минути додека не замириса, но не дозволувајте да изгори. Ова треба да трае 3-5 минути. Вториот метод  е таков што ќе ја ставите леќата во сад за печење и ставете ја во рерна 10-12 минути на 200 ° C, мешајќи половина од времето.

Потоа оставете леќата целосно да се излади.

Чекор 5: Смелете ја леќата

Можете да користите брз процесор за храна или блендер (со помалите ножиња), или мелница за зачини или кафе. Во зависност од тоа која алатка ја користите, можеби ќе треба да го направите ова во повеќе серии.

Ако користите процесор за храна, ќе потрае подолго и ќе треба да ја запрете машината за да одмори малку. Исто така, треба да бидете сигурни дека сте ставиле доволно леќа, во спротивно, едноставно нема да се меле.

Просејте го добиениот прав, а потоа вратете ги поголемите делови и повторно смелете ги. Кога сте готови, префрлете го брашното од леќата во голем херметички сад, на пример во стаклен сад.

Како да го чувате?
Домашното брашно од леќа ќе трае неколку месеци кога се чува во херметички затворен сад без влага. Можете дури и да го чувате брашното во замрзнувач до една година. Рокот на траење навистина зависи од рокот на траење на употребената леќа од која сте го направиле брашното.

Фото: Unsplash