Како да одгледате овошје и зеленчук од нивните остатоци?

Наместо да ги фрлате тие растителни стеблeнца и семиња, дајте им нов живот со тоа што од нив повторно ќе пораснете растенија. Овие совети за градинарство ќе ви помогнат да започнете.

0
583

Не фрлајте ги остатоците од храна! Дали знаевте дека, всушност, можете да одгледате нови растенија од обични отпадоци од храна, кои честопати ги фрламе во ѓубре или во компост? Стеблата, пупките и семето од многу обични овошја и зеленчуци можат да се претворат во свежи нови растенија со помош на земја, вода, сончева светлина и малку знаење. Еве неколку намирници од кои лесно можете да одгледувате дома нови од остатоците од храна што веќе ги имате. Затоа, намалете го отпадот од храна и добијте свежи производи на дофат на раката со овие едноставни совети.

Целер

Отстранете околу 4 цм  од основата на стебленцата целер и ставете ја во плитка чинија со вода, прскајте го врвот секој ден за да го задржите влажен. Менувајте ја водата на секои неколку дена сè додека не се појави нов корен, а потоа пресадете го во земјата.

Билки

Повеќето билки се размножуваат такашто се сечат стебленцата на јазолот (кадешто се спојуваат деловите од растението), а исечените делови ставете ги во тегла со вода на прозорецот. Менувајте ја водата на секои еден или два дена додека не се појават корените, а потоа пресадете ги во саксија.

Лук

Лукот е една од најлесните намирници што можат да се одгледаат од кујнски отпадоци – едноставно земете чешниња и ставајте ги на растојание едно од друго во почвата. Засадете во есен, пред првиот мраз, и уживајте во свеж лук следната година. Засадете ги во саксија во кое било друго време и уживајте во млад лук.

Ѓумбир

Ако некогаш сте купиле поголема количина на ѓумбир отколку што ви треба, дајте му нов живот такашто ќе го засадите и ќе ви пораснат повеќе! Натопете го коренот во топла вода во текот на ноќта, а потоа засадете го странично во саксија, покријте го со земја и ставете го на сончево место. Одржувајте ја почвата константно влажна, а за неколку месеци ќе имате доволно ѓумбир за жетва.

Зелен кромид

Ако го искористите само зелениот дел од кромидот, задржете го белиот дел со мала количина бледо зелена боја и ставете го во вода на прозорец кадешто ќе биде на сонце. Менувајте ја водата редовно и користете ги зелените делови додека растат, или пресадете го во саксија со земја.

Марула

Ако обично типично ја фрлате основата од главицата од зелената салата, отсечете ја од лисјата и ставете ја во сад со вода. Менувајте ја водата на секои два дена, а за две недели ќе имате доволно свежи нови лисја за сендвич или за мала салата. Забелешка: Ова нема да регенерира нова полна главица зелена салата, но ќе помогне да се продолжи животот на она што инаку би станало компост или ѓубре.

Пиперки

Зачувајте го семето од следната пиперка или чили. Засадете ги директно во почвата и редовно наводнувајте ги. Откако ќе се појави ново растение, пресадете го во поголем сад или на отворено, кадешто ќе напредува најдобро на директна светлина и топли температури.

Компири и сладок компир

Многумина од нас започнале да растат нови компири случајно – кренете ја раката ако некогаш сте оставиле торба во задниот дел на оставата премногу долго, само за да ги најдете покриени со р’кулци. Компирите ќе ги исечете на парчиња од 3-4 цм и ќе ги оставите неколку дена да се исушат. Ставете ги директно во земјата во рана пролет, и уживајте во домашен компир.

Јагоди

Внимателно отсечете ја надворешната кожа (што го содржи семето) од јагодата, или извадете ги семките со помош на пинцета. Ставете го семето во саксија, покријте го со земја, ставете го на сончево место и ставајте редовно вода додека не се појави зеленило. Пресадете го во саксија или надвор, во градината напролет.

Домати

Едноставно, засадете го семето од купениот домат во мал сад, чувајте го на прозорецот и редовно ставајте му вода. Почекајте да се појави ново растение и кога ќе потпорасне неколку сантиметри пресадете го во голема саксија или во градината.

Ананас

За разлика од другите овошја, ананасот се одгледува од други ананаси, а не од семе. Треба да го исечете врвот на постојниот ананас, да го исушите и да го засадите. Иако се потребни години за да се одгледа ананас, чекањето вреди!

* Забелешка за повторно производство на намирници од семе: Многу овошја и зеленчуци одгледувани во голем обем се хибриди, што значи дека содржат генетски компоненти од повеќе од една сорта и не се дизајнирани да се реплицираат преку семе. Хибридни семиња од конвенционални производи можат да бидат стерилни (нема да растат) и ако растат, нема да ви дадат точна копија на родителското растение, туку нешто поблиску до една од сортите што се користат за создавање на хибридот. За попредвидливи производи од собраните семиња, набавете немодифицирани сорти за садење.

Фото: Пинтерест