Како да се готви со куркума

Имате куркума, но не сте сигурни како да готвите со неа? Откријте како и во што е најдобро да ja користите во кујната, без разлика дали станува збор за куркума во прав или за свеж корен.

0
308

Куркумата е егзотичен корен со темно жолта боја и со малку остар и горчлив вкус.

Традиционално се користи во индиската кујна и кујните од Југоисточна Азија и е составен дел од мешавините на зачини, како што се кари и гарам масала. Многу е популарна и во Иран и Мароко. Во иранската кујна се користи како дел од триото зачини кое се состои од цимет, кардамон и куркума. Оваа мешавина се нарекува адвиех.

Но, освен во Индија и на Блискиот исток, куркумата добива сè поголема популарност низ целиот свет, што не е изненадувачки затоа што е еден од најздравите зачини во светот!

За подобра употребливост: куркума + масло + црн пипер

Постојат безброј начини на кои можете да го користите овој популарен зачин во кујната, но имајте на ум дека секогаш треба да го комбинирате со некои здрави маснотии, како што се маслиново или кокосово масло или со црн пипер, за да ги искористите неговите придобивки.

Имено, комбинирањето на куркумата со масло или црн пипер, ќе ја подобри нејзината апсорпција, односно искористеноста на нејзината биоактивна супстанца – куркумин.

Ако никогаш не сте користеле куркума, започнете со мали дози за полека да се навикнете, а потоа можете да го зголемите количеството.

Покрај тоа што е многу лековита, добрата вест е дека со куркумата полесно се губи телесната тежина, односно се поттикнува губењето на килограмите и на масните наслаги.

Значи, навистина нема причина да не додадете барем прстофат куркума на вашите оброци денес, а за да обезбедите максимални лековити ефекти, можете да земете и екстракт од куркума (куркумин) во капсули.

Куркума во прав – употреба во кујната

Правот од куркума има попикантен вкус од свежиот корен од куркума, кој е малку поблаг заради содржината на вода во него.

Во Индија, куркумата обично се додава на почетокот на процесот на готвење, на пример, пржејќи ја на малку масло заедно со ѓумбир за подобро ослободување на лековитиот куркумин од него.

Ова се само некои од идеите за негова примена во кујната:

1. Додадете 1-2 лажички во супа од зеленчук – тоа ќе му даде на оброкот интензивна жолта боја.

2. Ако подготвувате јадења од ориз додека готвите ориз, едноставно додадете ½ лажичка куркума во водата.

3. Збогатете го своето смуди со неа: измешајте 1-2 лажички куркума во прав во смутито, во зависност од тоа дали сакате поблаг или поинтензивен вкус. Додадете малку кокосово масло за да ја подобрите апсорпцијата на куркумата.

4. Комбинирајте ¼ лажичка куркума со 1 лажичка печено семе од сусам и поросете го хумусот (намаз од леблебија).

5. Гответе леќа и други мешунки со црвен кромид, маслиново масло и со додавање на 1 лажичка куркума во прав.

6. Ако динстате или пржите зеленчук на масло, додадете 1 лажичка од овој жолт зачин.

7. Подгответе жолти палачинки: додадете 1/2 лажичка куркума во смесата за палачинки – ќе бидете воодушевени од бојата!

8. Сварете го популарното златно млеко: во шолја кравјо или, ако повеќе сакате, некое растително млеко, додадете ½ лажичка куркума, лажичка мед или јаворов сируп и прстофат црн пипер, оставете да зоврие и, кога малку ќе се олади, испијте.

8. Ако правите чај од билки, додадете ¼ лажичка куркума во прав пред да ја истурите врелата вода. Всушност, чајот можете да го направите само од куркума, без никакви додатоци.

9. Може да ја збогатите секоја чорба со куркума.

Свежа куркума – употреба во кујната

Ако имате свеж корен од куркума, треба прво да го излупите. Потоа можете да го изрендате излупениот корен или да го исечете на помали парчиња. Остатокот од коренот можете да го чувате во фрижидер 7-10 дена.

Свежиот корен е идеален додаток на вашите смути и сокови.

1. Додадете парче свеж корен во смути или во свежо исцедени сокови.

2. Измешајте рендана куркума или парчиња од нејзиниот корен во преливи за салата.

3. Збогатете ја со куркума питата или мафините од тиква со додавање на 1 лажичка свежо изрендана куркума во подготвеното тесто.

4. Направете вкусен жолт грчки јогурт: додадете 1 лажица рендана куркума, 1 лажичка маслиново масло, малку сол и ¼ лажичка свежо мелен црн пипер во обичен грчки јогурт и тука имате совршен појадок.

5. Додека динстате или пржите зеленчук, додадете 1-2 лажички свежо изрендана куркума во него.

Исто така, куркумата одлично оди со карфиол, кељ, компир и генерално, со коренест зеленчук.

Фото: Pixabay