Кардамом во служба на здравјето: за слабеење, за намалување на притисокот, за детоксикација

Само прстофат од некој зачин може целосно да го смени вкусот на јадењето, а некои од нив знаат да ви ја замирисаат и цела куќа, па дури и душата ќе ви мириса цел ден убаво. Еден од нив е и неговото величество, кардамомот

0
291

Зачините од секогаш се користат за да се засили вкусот на јадењето, да се скрие неговиот вкус или мирис или за да се истакне бојата, а речиси сите се и лековити билки. Светските кујни се разликуваат меѓу себе токму по зачините што ги користат, а на некои од нив е заснована гастрономијата на цела држава. Односно, се препознаваат токму по нив, а некои пак се веднаш и асоцијација за некое јадење.

На пример, кога ставам во некое јадење дома кари, син ми обично прашува: Што индиско има за јадење?

Кога пак ќе замириса на копар, сигурен е дека во фрижидерот се лади таратур.

Ако намириса босилек, прашува дали се прави пица (дај Боже) или песто?

И така, секој зачин си има своја препознатлива комбинација и родна земја.

До скоро јас си ставав ноктец на сѐ и на сешто, но најчесто на парче сирење, во урда или на леб со путер и долго, долго го мирисав пред да почнам да јадам, ама денес наместо на ноктец, куќата ми мириса на кардамом.

Знаете ли дека кардамомот е еден од најскапите зачини во светот? Да, заедно со (или веднаш после) шафранот и ванилата. И не залудно. Освен што го збогатува вкусот, тој има и многу здравствени придобивки, а меѓу нив, одличен е и за ароматерапија и за подобрување на расположението.

Помага при губење на тежината, намалување на крвниот притисок и отстранување на токсините од телото.

Кардамон или кардамом е име на растение од фамилијата ѓумбир, кое потекнува од Индија, од јужниот брег на Малабар. Постои зелен или обичен и црн кардамом. Интересно е што овој зачин често го користат Швеѓаните во пекарски и месни производи, а може да се најде и во нивните рецепти за пита со јаболка.
Сепак, најприсутен е, нормално, во индиската кујна. Во Индија кардамом се става во чај со млеко и во топло чоколадо, а се меша и со кари. Норвежаните го ставаат дури и во хамбургери и колбаси!

Според Ајурведата, тој е корисен и за лекување на астма. Има лековити својства за респираторни нарушувања, односно алергии.

Добар е во случаи на чиреви, за подобро варење и против депресија. Овој зачин е предмет на истражување, што покажува дека е навистина вреден додаток во секојдневната исхрана.

Се смета за диуретик, што го прави корисен за проблеми со уринарните патишта и за чистење на бубрезите од калциум и мокрачна киселина. Исто така, помага при слабеење, намалување на крвниот притисок и отстранување на токсините од телото.

Како и неговите роднини куркумата и ѓумбирот, и тој има антиинфламаторни својства и ја ублажува болката и отоците, особено во устата и грлото.

Кардамонот содржи витамин Ц, витамин Б6, тиамин, рибофлавин, ниацин, а меѓу минералите може да се споменат калциум, магнезиум, фосфор, железо, цинк, бакар и манган. Порано со џвакање семе од кардамон, си ги чистеле забите. Кардамомот е полн со есенцијални масла со антиоксидантни својства.

Се додава на солени и слатки јадења. На Блискиот исток се користи за подготовка на колачи и десерти и разредување на вкусот на силно кафе, а исто така се додава и во чајот затоа што го стимулира варењето. Одлично оди и со овошје (на пр. со варени круши или печени јаболка), и ако додадете прав во овошна салата, ќе бидете воодушевени од богатиот вкус. Со него можете да зачините ориз, булгур или просо, и не заборавајте да го пиете понекогаш и во форма на чај.

Ајурведскиот чај од кардамон се прави од 1/2 кафена лажичка кардамон во прав, 3 зрна црн пипер, 2 каранфилчиња и едно мало стапче цимет. Кога водата ќе зоврие, додадете ги зачините и варете 5-10 минути додека не испари половина од водата. Извадете го чајот од оган и оставете го да се олади малку, а потоа можете да го засладите со мед.

Фото: Pexels