Кога сонот ќе ви стане јаве, а вие ќе слетате на своето Гранче

Овој месец малото скопско бистро 'Гранче', кое многу бргу стана популарно меѓу скопјани, ќе полни една година. Основачката, а истовремено и готвачка во оваа мала зелена оаза е Елена Џајкоска, по професија инженерка по телекомуникации, која по една деценија работа во Македонски Телеком, реши да го направи најрешителниот чекор кон реализирање на својот сон - да даде отказ во Телеком и да почне да готви во сопствен ресторан

0
2142

Гранче! Веќе неколку пати досега имав слушнато за малото ресторанче со интересно име и за неговата сопственичка Елена Џајкоска. И цело време, името на Елена, но и концептот на Гранче некако ми беа познати и блиски и имав впечаток како некогаш веќе да сум ја запознала таа Елена за која сите имаат да кажат толку многу убави зборови.

И ете, излезе дека сум била во право. Ја запознав Елена пред цели три години, на дегустацијата на современата шведска кујна организирана за онлајн заедницата на љубители на гастрономијата и новинари. Елена беше во друштво со Аида Реџепагиќ, а тие две меѓу скопските гурмани беа веќе добро познати како Миси Онион.

Во тоа време тие две организираа вечери на кои можеа да дојдат само ограничен број уредно пријавени гости, а секоја вечера/настан се одржуваше во интимна атмосфера, честопати на различна локација, кадешто менито, присутните гости, музиката и атмосферата беа внимателно одбрани и балансирани, создавајќи комплетно кулинарско искуство. Наскоро со нив направив и интервју.

Оттогаш наваму, кај Елена и кај Аида се случиле големи промени. Аида се преселила во Франција, а Елена конечно го остварила својот сон и го направила големиот решителен чекор, после 10 години работа во Македонски Телеком, како инженерка по телекомуникации, дала отказ за да ѝ се посвети на својата љубов кон готвењето. И тоа, во свој ресторан – Гранче.

„Љубовта кон готвењето се провлекува низ целиот мој живот. Неделните ручеци во мојата фамилија од секогаш биле посебен чин во кој до ден денес уживам. Се разгоре додека студирав телекомуникации, бидејќи тоа ми беше единствена релаксација меѓу спремањето испити. Го засакав уште повеќе кога ја запознав Аида, кога непрекинато зборувавме за храна и решивме да започнеме со Миси Онион. Работев 10 години во Македонски Телеком, но највозбудливи ми беа последните 5, кога после работа со Аида организиравме концептуални вечери. Сфатив дека кога готвам сум среќна и исполнета, посебно кога ќе ги видам луѓето задоволни додека си ручкаат. Се мачев некое време дали да си останам во Телеком, во комфорт зона или да направам чекор. Решив, и ете го Гранче“, раскажува Елена.

Иако ваквиот чекор во многу македонски семејства можеби би бил пречекан со неодобрување бидејќи во вакво несигурно време навистина е храбро да се напушти сигурна работа и плата заради сон, во семејството на Елена никој не се ни обидел да ја предомисли.

„Напротив, ме охрабрија да го правам она што го сакам и постојано ми помагаат. Со момчето заедно го создадовме Гранче, сестра ми е дел од тимот, а родителите и најблиските пријатели ми се секојдневна поддршка.

Секако, Аида ми недостига многу, таа беше мојот креативен партнер. Низ годините научивме како заедно да функционираме, како заедно да работиме, да се надополнуваме. Интимните вечери за мал број луѓе кои ги организиравме како Миси Онион и водењето на угостителски објект се многу различни. И во двете имаш кретивен процес на осмислување на мени. И во двете услужуваш луѓе, ги правиш среќни и задоволни задоволувајќи им ги сите сетила. Само во Гранче тоа е секојдневно и бара многу фокус, концентрација. А и освен готвењето има и други работи на кои треба да се мисли, набавки, дистрибуција, финансии.

Но Гранче е направено со многу љубов и енергија и среќна сум што кога луѓето  ќе влезат таму, тие веднаш ја читаат приказната. Кога почнав да се будам и да легнувам со идејата за сопствен ресторан, таа почна да се остварува.

Дел од убавината во Гранче е задоволството на гостите, за она што го работиш и креаираш, веднаш добиваш фидбек.

Искрено, од друга страна на почеток ова беше  застрашувачко за мене бидејќи немав искуство со ресторанско работење. Не бев свесна за многу работи што ме очекуваат, но иако е ова макотрпен процес, сепак ме прави среќна што сум во свој ресторан. Ние сме многу мал тим од тројца па признавам дека секојдневно ме фаќа паника, најмногу за тоа дали сите ќе ги услужиме добро и на време, дали ќе бидат задоволни. Најмногу ме фаќа паника кога одеднаш ќе седнат луѓе на сите маси и ќе нарачаат во исто време. Треба да си максимално фокусиран за да можеш да го одржиш квалитетот што го нудиш, а ние сакаме сите беспрекорно да ги услужиме“, искрена е Елена.

Нивниот фокус е на состојките, такашто менито се состои од свежи, едноставни и вкусни јадења што можете да ги уживате во релаксирачка средина. Тоа е сезонски избор на традиционално и модерно, некои класици и некои нивни креации. Имено, идејата на Гранче е да користи сезонски и локални производи, а локалните и традиционални јадења да се кренат на некое друго ниво. И верувајте, успеваат во тоа.

Во однос на актуелната состојба со корона вирусот и начинот на кој таа и тимот на Гранче се справуваат со истата, Елена вели: „Актуелната состојба е предизвик за сите. Не само за угостителските објекти, но особено за нив. За среќа, имаме редовни гости на кои им благодарам за секојдневната поддршка.

Како и секој предизвик и овој е вооедно и шанса за промени.

Тука би споменала дека почнавме со организириње на вечери во Гранче. Првата се одржа на 22.август.  Станува збор за мени со пет ганга спарени со македонски вина. Името на вечерата беше Roots to branches. Ја организиравме заедно со мојот пријател Артан Садику, со кој го креиравме менито, а спарувањето со вино го правеше Ивана Симјановска“.

Инаку, исто толку интересно колку и сета оваа приказна за и околу Гранче, е и прашањето за името – зошто токму Гранче?

„Името е инспирирано од Петре М. Андреевски. Имено, тој ѝ беше кум на мојата братучетка Весна. Еднаш ми раскажаа дека кога таа се родила на 22. март, Петре како предлог ги дал следниве: Весна, Марта или Гранка. Од тогаш името Гранка некако ме следи и кога решив да го отворам Гранче тоа беше најубавото име што можев да му го дадам на тој мој нов почеток“, ја завршува Елена својата приказна.