Колач со урда и афион

За оние кои не сакаат мак, секако, ако има такви, во филот со мак можат да го заменат семето со мелени ореви. За белиот фил не користиме ниту рикота, ниту маскарпоне, туку обична несолена урда.

0
145

Иако на прв поглед ни се чинеше комплициран, затоа што, нели, обично се што има слоеви бара многу време, ама излезе многу поедноставен отколку што мислевме.

Обично во колачите и тортите кои се прават со маскарпоне или со рикота, ние си ставаме обична несолена урда и вкусот е одличен.

Има решение и за оние кои не сакаат афион – наместо мак, можат да се употребат мелени ореви.

Еве го и рецептот

Состојки:

За тестото:

250 г брашно
170 г путер
3 жолчки
1 ванилин шеќер
половина прашок за пециво
1 лажица павлака

За филот со мак:

7 лажици млеко
200 г мелен мак
100 г шеќер (ако помеѓу тестото и филот од мак, ставите џем за да се залепат подобро, тогаш можете да ја преполовите количината на шеќер. Ние ставивме 50 г шеќер, а тестото го премачкавме со џем од модри сливи)

За белиот фил:

500 г свежа несолена урда
100 г шеќер
кора од лимон
3 белки
3 лажици гриз

Приготвување:

Во сад измешајте ги сите состојки за тестото, исечете го путерот на ленти и замесете го тестото со раце. Кога ќе добиете убава мазна топка поделете ја на два дела и завиткајте ги посебно во проѕирна фолија, па едниот дел ставете го во фрижидер на најмалку половина час, а другиот во замрзнувач.
Додека тестото се лади, направете ги филовите.
Загрејте го млекото, па прелијте ги афионот и шеќерот и мешајте додека не се соединат.
За белиот фил измешајте ги со миксер урдата, шеќерот и кората од лимон додека не добиете кремава смеса. Одделно измешајте ги белките во цврст снег, па додадете ги во смесата со урда и шеќер, полека мешајќи со шпатула. На крајот додадете го гризот и убаво измешајте.
Загрејте ја рерната на 180 С.


Земете мал плех за печење и исечете масна хартија со овие димензии.
Извадете го изладеното тесто од фрижидерот, развлечете го тестото врз масната хартија, но претходно ставете малку брашно и врз хартијата и одозгора врз тестото  за да не се залепи. Пренесете го тестото заедно со хартијата во тепсијата за печење.
Премачкајте го тестото со џем, а одозгора распоредете го филот од афион. Врз него ставете го филот со урда и убаво израмнете.
Извадете го другото тесто од замрзнувачот и изрендајте го со ренде врз колачот.
Печете го колачот околу 35-40 минути.

Оставете го да се излади, па ставете го во фрижидер. Ако не ви се чека, можете да го исечете и веднаш откако ќе се излади на собна температура.