Кој треба да избегнува ѓумбир?

Мелениот исушен ѓумбир е многу поконцентриран и треба да го консумирате во помали количини, а 1 лажица свеж ѓумбир е еднаква на 1/4 лажичка мелен сушен ѓумбир.

0
490

Ѓумбирот е една од најлековитите намирници кои се користат за лекување на голем број тегоби и нарушувања. Многумина сакаат да пијат чај од ѓумбир, а една од омилените комбинации се ѓумбир, мед, лимон и лук за зајакнување на имунитетот. Ѓумбирот може да се консумира во прав или свеж.

Сепак, треба внимателно да се користи бидејќи нема да им одговара на сите и има луѓе на кои не им е дозволено да консумираат ѓумбир. Тоа посебно се однесува за луѓето кои имаат некои здравствени проблеми, па затоа треба да внимаваат на внесот на ѓумбир.

Кој не треба да консумира ѓумбир?

Ако спаѓате во некоја од овие групи, задолжително консултирајте се со вашиот лекар пред да започнете да консумирате ѓумбир.

Ѓумбир и лекови за контрола на крвниот притисок

Некои лекови за контрола на нивото на крвниот притисок можат да дојдат во интеракција со ѓумбирот. Нивото на притисок тогаш станува прениско, па може да се наруши срцевиот ритам. Ако земате лекови за контрола на крвниот притисок, не започнувајте да користите ѓумбир пред лекарот да ви го дозволи тоа.

Ѓумбир и жолчни камења

Жолчното кесе се наоѓа под црниот дроб и е поврзано со жолчниот канал и служи како складиште за жолчта што ја разградува маста во цревата. Ако жолчните камења тргнат во жолчниот канал, тие можат да го блокираат протокот на жолчта предизвикувајќи таа да се врати во црниот дроб.

Ѓумбирот го поттикнува создавањето на жолч, такашто луѓето кои страдаат од камења во жолчката може да имаат премногу високо ниво на жолч во жолчното кесе. Мислењата на експертите се поделени, некои експерти препорачуваат ѓумбир за отстранување на камењата во жолчката, додека други веруваат дека во такви ситуации е подобро целосно да се избегнува ѓумбир. Затоа е важно да разговарате со вашиот лекар пред да земете ѓумбир, и ако тој одобри, обрнете внимание на количината.

Ѓумбир и антикоагуланси

Ѓумбирот ја разредува крвта, што значи дека треба да се избегнува од луѓе кои земаат антикоагуланси или имаат нарушувања во крварењето.

Ѓумбир и лекови за контрола на дијабетес

Ѓумбирот може да го намали нивото на шеќер во крвта и е добар за дијабетичарите кои го контролираат нивото на шеќер само преку исхраната. Но, во комбинација со лекови, ѓумбирот може премногу да го намали нивото на шеќер и да го зголеми ризикот од развој на хипогликемија. Затоа, дијабетичарите кои земаат лекови или инсулин можат да користат ѓумбир само со претходна консултација со лекар.

Ѓумбир и бременост

Бремените жени многу често користат ѓумбир за ублажување на утринските мачнини, но експертите советуваат да не го земаат без претходно да се консултираат со лекар. Претходните истражувања дадоа различни резултати во врска со внесувањето ѓумбир за време на бременоста, а загрижувачки е фактот дека ѓумбирот може да го зголеми ризикот од спонтан абортус.

Причината за ова е зголемениот ризик од крварење за време на бременоста, па експертите препорачуваат целосно да избегнувате ѓумбир ако страдате од нарушувања во крварењето. Што се однесува до тежината при раѓање или вродени нарушувања, досегашните истражувања покажаа дека ѓумбирот нема никакво влијание.

Колку ѓумбир можете да земате?

Повеќето луѓе добро толерираат ѓумбир и често користат ѓумбир за ублажување на пречките во варењето (гадење, повраќање), олеснување на симптомите на артритис и менструални болки.

Експертите истакнуваат дека луѓето кои не страдаат од никакви медицински состојби можат да земат 4 грама ѓумбир во прав на ден. На бремените жени им е дозволено да земаат 1 грам ѓумбир во прав на ден. Во истражувањата во кои се проучувало влијанието на ѓумбирот врз здравјето, најчеста доза била 250 милиграми до 1 грам ѓумбир 3 до 4 пати на ден.

Она што е одлично кај ѓумбирот е што можете да го користите во свежа состојба или во прав. Мелениот исушен ѓумбир е многу поконцентриран и треба да го консумирате во помали количини, а 1 лажица свеж ѓумбир е еднаква на 1/4 лажичка мелен сушен ѓумбир.

Фото: Pexels/Pixabay