Крувче, јаболче, мангостин и питаја

Во пилјарата близу ТЦ „Лептокарија“ кадешто понекогаш наминувам, секогаш има богата понуда на зеленчук, овошје, здрави домашни сокови, убави бели шампињони, а вчера ми паднаа во очи и две егзотични овошја. Чинат околу 1.200 денари за килограм

0
375

Мангостин и питаја. Ете и овие егзотични овошја веќе не е проблем да се најдат среде Скопје. Јас вчера наидов на нив во локалната пилјара. Имаа почесно место, веднаш до касата.

Со оглед на цената, така е најдобро – да ги има човекот секогаш пред очи.

Чинат 1.200 денари килограм. Барем толку чинеше мангостинот, иако не верувам дека некој би купил цел килограм. Мислам, ваљда треба рво да се проба. Што ако не ви се допадне вкусот?!

За питајата пак, цената е тука некаде, а парче би дошло околу 300 денари. Ако сте баш љубопитни, пробајте.

Впрочем, за мангостинот велат дека често бил нарекуван „кралица на тропското овошје“. Иако, според мене, веќе има многу кралици помеѓу овошјето, а особено вака се нарекуваат најразлични видови тропско овошје. Мене лично барем вака наизглед, мангостинот воопшто не ми изгледа како некој кој би ја заслужил титулата ‘кралица’. Прилично е неугледно. Барем овие примероци кои се шепурат во локалната пилјара.

Формата на мангостинот е тркалезна и покриена со тврда, темно-виолетова, накај црна кора… Под него се наоѓа бела или крем полумека срцевина која е поделена на неколку дела. Вкусот на плодот е сладок и маслен. Без оглед на сличното име, мангостин нема родова врска со мангото. Патем, мангото во споредба со новиве кралици на нашите простори, сега е речиси џабе – чини 220 денари за килограм.

Инаку, мангостинот се одгледува главно во Тајланд, Филипините, Индонезија и Малезија. Во составот на егзотичниот плод влегуваат основните хранливи материи кои се потребни за нормален раст и развој на организмот, за одржување на здравјето и благосостојбата на организмот. Мангостинот е богат со хранливи влакна и има ниска содржина на калории, заситени масти и холестерол, што го прави корисно овошје за кардиоваскуларниот систем, како и за слабеење. Мангостинот е добар извор и на витамин Ц, кој помага за одржување на имунитетот и го штити организмот од развој на различни инфекции.

Мангостинот е богат со антиоксиданти кои имаат превентивен, анти-воспалителен ефект врз човечкото тело.

Велат дека мангостинот успешно се користи за лекување на малигни неоплазми. Се користи за да се спречи развојот на клетките на ракот и го поттикнува самоуништувањето.

Питајата пак, која е позната и како змејско овошје е новата суперхрана која има сличен вкус на оној кој се добива ако измешате лубеница, репка и јагода заедно. Моментално, цедениот сок од самото овошје питаја е најбаран на светскиот пазар помеѓу љубителите на здравата храна.

Овој сок е вистинска витаминска бомба, богат е со антиоксиданси, Б и витамин Ц, како и активни ензими кои помагаат за помлад изглед на кожата. Ја зголемува енергијата и имунитетот и помага во варењето на храната поради влакната и пробиотиците кои ги содржи, а со тоа е заслужен и за забрзување на метаболизмот, топење на мастите и витката линија. Оттука не е ни чудо што оваа „нова“ храна брзо се искачи на А-листата на суперхрана.

Најдобрата питаја, кога ќе ја пресечете, треба да има силна црвена боја (како на зрела лубеница), додека вештачки одгледуваната питаја е енергетски и нутритивно послаба, а се препознава по светло розовата или белата боја на внатрешноста на плодот.