Леб од грахам брашно

Со оглед на неговиот состав, грахам брашното има одлични хранливи вредности.

0
355

Грахам брашното се добива со специјална технологија на подготовка и мелење на цело зрно пченица. Името го добило по Силвестер Греам (Sylvester Graham), еден од зачетниците на движењето за здрава исхрана во Америка.

Тој се залагал за елиминација на индустриски преработена храна и бело брашно. Советувал да се префрлат на природна храна и брашно од цело зрно пченица, кое не поминало низ процес на хемиска обработка, т.е. процес на избелување (unbleached flour).

Грахам брашното се добива такашто деловите од зрна пченица се мелат одделно: внатрешноста на зрното или ендосперм добро се иситнува и од него се добива бело брашно, додека клицата и лушпата или триците се мелат крупно. Со нивното спојување се добива брашно со потемна боја и груба структура, кое се користи за печење.

Со оглед на неговиот состав, грахам брашното има одлични хранливи вредности. Богат е со витамини Б комплекс, витамин Е, минералите Na, K, Ca, Fe и протеини. Поради нискиот процент на глутен, се препорачува кога се прават печива да се измеша со бело брашно за да се добие порастресито тесто. Секако, ова брашно не треба да се просејува, бидејќи поголемите и најздравите делови, во тој случај, ќе останат неискористени.

Уште една напомена се однесува на начинот на чување и рокот на траење. Поради зголемената содржина на масло, кое потекнува од природното масло на пченичните клици, ова брашно е склоно кон брзо ужегнување, па се препорачува да се чува во фрижидер и да се купува во мали количини.

Состојки:

1 сув квасец

1 лажичка шеќер

300 г грахам брашно
300 г бело брашно

1 лажица чиа семе

1 лажица мелено ленено семе

лажичка сол
околу 3 дл млака вода
за премачкување: маслиново масло

По желба поросете со малку лук во прав

Приготвување:

Растворете го квасецот во малку топла вода со малку шеќер и 1 лажичка брашно. Покријте го и оставете го да се крене.
Во меѓувреме, измешајте ги двата типа брашно и лажичка сол.
Додадете го подготвениот квасец и остатокот од млака вода и замесете додека тестото не престане да се лепи на прстите и садот.
Покријте го садот со пластична обвивка, потоа со крпа и оставете го на топло да се зголеми двојно по волумен, околу 1 час.
Обликувајте го тестото и ставете го во плех за печење врз хартија за печење. Оставете го да отстои околу 20 минути (не оставајте го многу подолго) и за тоа време загрејте ја рерната на 200° С.
Пред печење, премачкајте го тестото со маслиново масло, засечете го со нож на површината и поросете го со сусам. Печете го околу 30-40 минути, во зависност од рерната, а потоа завиткајте го во крпа и оставете го да се олади.