Леб со маја

Следува нов рецепт од нашата пријателка од 'Ситно сецкано' која толку се навлече на своето ново 'домашно милениче' - мајата за тесто, што веќе не сака да слушне за купечки квасец. Мајата ја храни редовно и на време, а таа за возврат на нејзините лебови им дава карактеристичен вкус на вистински селски леб

0
963
Нашата пријателка Бојана Димитрова од блогот ‘Ситно сецкано’ ни го откри рецептот за својот превкусен леб чиј вкус неодоливо потсетува на вкусот на лебот што како мала го јадев само кај мојата тетка во Црешево. Направен е со маја, наместо со купечки квасец.
А Бојана својата маја си ја негува веќе три години. Редовно ја храни со брашно и со вода, а таа пак ѝ возвраќа со тоа што на нејзините лебови и други марифетлуци од тесто им дава навистина преубав, карактеристичен вкус.
Мајата се прави најдобро со ‘ржано брашно, објаснува Бојана, но може и со било какво друго, па дури и со безглутенско брашно и со обична вода.
„Јас чувам мала количина на стартер (маја) и го хранам со 30 г ‘ржано брашно и 50 г вода. Во теглата чувам само малку од стартерот, 1-2 лажици, затоа што доколку има повеќе, нема да има доволно храна за сите организми кои се размножуваат внатре, а за оваа количина е сосема доволно. Инаку, кога правам нешто обично користам стартер во овој сооднос: 50 грама стартер на 500 грама брашно“, објаснува Бојана.
Еве го и нејзиниот рецепт за лебот – со зборови и низ фотографии:
Состојки:
50 г стартер/маја
330-340 г вода
500 г брашно тип 500 (некогаш дел од тие 500 г е ‘ржано брашно или интегрално или некое друго, од јачмен, хељда, пченкарно, овесно…)
9 г сол
Приготвување:
Состојките ги мешам со вилушка додека целото брашно не се измеша со водата, ја покривам ванглата со влажна крпа и ја оставам да стои неколку часови.
Од време на време го преклопувам тестото со намокрена рака: фаќам еден крај, го тегнам и го преклопувам накај средината, ја вртам ванглата за 90 степени, пак фаќам крај, го тегнам и го преклопувам, и така цел круг или два.
Ако сум го направила тестото навечер, ова преклопување може да го направам само еднаш и тестото стои до сабајле. Ако го направам преку ден и ако сум дома, може да го направам повеќе пати, на саат-два.

Откако ќе отстои тестото 8-10-12 часа и ќе нарасне најмалку двојно, го ставам на набрашнета маса, го обликувам како топка, ја затегам површината и го префрлам во корпа обложена со крпа и поросена со брашно, со мазната страна надоле.

Вака стои или час-два на собна температура, па го печам, или, ако сум го направила тестото навечер, ова го правам сабајле пред да одам на работа, ја ставам корпата во фрижидер, па го печам кога ќе се вратам.

Ја загревам рерната на 220°C. Тестото од корпата го префрлам во тенџере, со мазната страна нагоре, го засекувам, му ставам капак и го печам околу 20 минути со капак, па уште 15-20 без капак.