Леб со овесни снегулки и многу, многу семки

Овој леб од мешано 'ржано и грахам брашно, со овесни снегулки и полна шолја разни семиња има толку богат вкус што освен чај или јогурт, нема да ви треба ништо друго, дури ни путер

0
132

Иако е со квасец, нешто од што во последно време сите бегаме како од ѓавол, овој леб е мек, миризлив и преполн со здрави состојки. Од семиња можете да ставите тоа што имате дома, но нека има многу, според рецептот – полна шолја од 250 мл.

Состојки:

(мерка е чаша од 250 мл)

1 шолја овесна каша
2 шолји врела вода
50 г семе од сончоглед
50 г шолја чиа семе (ако немате, ставете мелен афион или црно семе)
100 г шолја сусам

50 г кратко смелено ленено семе

1 сув квасец
1 шолја јогурт
2 шолји бело пченично брашно

1 шолја ‘ржано брашно
1 шолја грахам брашно
1 лажица кафеав шеќер
1 лажица сол
4 лажици маслиново масло

Приготвување:

Истурете ги овесните снегулки во некој сад и прелијте ги со врела вода, добро измешајте и оставете да постои додека не се впие водата и додека не се излади, а потоа додадете ги внатре сите видови семе и уште еднаш измешајте добро.

Ставете го сувиот квасец во малку млака вода и оставете го да стои 15-тина минути додека квасецот не се запени.

Во голем сад измешајте ги сите видови брашно, шеќерот и солта. Додадете го маслото, јогуртот (на собна температура), а потоа и квасецот и смесата со овесни снегулки и семиња и замесете тесто. Ако има потреба додавајте по малку бело брашно. Тестото е постојано малку лепливо, такашто не додавајте премногу брашно. Покријте го со фолија и оставете го тестото да одмори 20 минути.

По 20 минути, пренесете го на набрашнета површина и месете го со додавање минимум брашно 3-4 минути. Вратете го во малку подмачкана тава, покријте го повторно со проѕирна фолија и оставете го на топло место додека не се зголеми двојно (1-2 часа).

Пренесете го тестото на набрашнета површина и поделете го на два дела. Измесете ја кратко секоја половина, обликувајте ги и ставете  ги во тепсија за печење во која претходно сте ставиле хартија за печење.

Покријте со чиста крпа и оставете го повторно да нарасне (околу 1 час). Вклучете ја рерната да се загрева до 190 С. Ставете ги лебовите во загреана рерна, а потоа веднаш намалете ја температурата на 180 С. Печете ги околу 30 минути. Кога ќе ги извадите од рерна, премачкајте ги со малку вода или масло за да омекнат. Ако сакате потврда кора, тогаш не ги премачкувајте со ништо, само оставете ги да се изладат целосно, а потоа завиткајте ги во кујнски крпи.