Лимонка Арминовска: Големиот маестро за слатки со ‘кисело’ име

Нашата соговорничка е професорка по слаткарство во средното угостителско училиште „Лазар Танев“, а нејзиното специфично име често се споменува во професионалните гастрономски кругови, како и во контекст на многу гастрономски проекти и настани. Иако сѐ уште нема наполнето ниту 50 години, таа има веќе 30.годишно работно искуство. И не е чудно, ако се земе предвид дека понудата за својот прв работен ангажман го добила уште на матурската вечер.

0
2062

Професорката по слаткарство, Лимонка Арминовска, најпрвин сакала да биде медицинар па го почнала средното образование во средното медицинско училиште кадешто две години учела општа медицина. Потоа, иако била одлична ученичка, се плашела дека поради големиот интерес за упис во медицинско таму ќе имаат предност децата од лекарските семејства, во третата година од тогашното насочено образование, во последен миг и, како што вели, без посебни афинитети за тоа, го продолжила образованието во средното угостителско училиште „Лазар Танев“.

Кој би рекол дека некогаш имала сосема друга идеја за својата иднина од оваа денешнава во која се снаоѓа како риба во вода.

Ако имате можност, како што имавме ние, да присуствувате на практичната настава, додека таа прави разни слатки чудесија со своите ученици, не може да не ги забележите нејзините прецизни, вешти и елегантни движења.

Напред-назад, лево-десно, сега на едниот крај од големата просторија, а после пет секунди на другиот, таа совршено ја координираше работата на своите ученици, потсетуваше, поправаше, покажуваше и го даваше последниот ‘тач’ на сите оние прекрасни слатки и пецива кои се редеа пред нас.

Низ просторијата се ширеше убавиот мирис од пандишпанот кој се печеше во големата рерна, од вафлите во професионалниот апарат за вафли, од кремот кој се матеше во големиот миксер, а атмосферата беше топла не само поради вклучените рерни, рингли, машини и апарати, туку поради сите нив заедно со учениците и нивната професорка.

А во меѓувреме сфативме дека не разбираме ниту половина од јазикот на кој Лимонка  комуницира со своите ученици: Дресирање, глазирање, шмизирање, ексколупирање, аузекување, маринирање, филирање, фрапирање, фламбирање,…им довикнуваше повремено професорката Лимонка.

„Секогаш кога им ја давам рецептурата, јас им зборувам, ги координирам, ја водам работата и се трудам да ги научам и на стручната терминологија и на постапките“, објаснува професорката Лимонка.

Нема лижење и пробување

Она што ни падна на памет е и прашањето, како е возможно, среде сета таа работа и толку многу примамливи мириси, кремови, преливи, чоколади и шлагови, во ниту еден момент, ниту еден од учениците да не си го лизне ниту малиот прст?!

„Така мене ме научи мојата професорка Драгица Николовска, која ми ја влеа и љубовта кон слаткарството, па така сега и јас ги учам моите ученици. А најстрога сум во прва година, и тоа во септември. Зборуваме за лична и работна хигиена, нема лижење прсти, и тие тоа го учат уште на самиот почеток.

Се трудам секогаш да ги научам на одговорност при работата, да создадат брзина во работењето, да бидат креативни, но и да се грижат за околината и за здравјето бидејќи нашата професија е одговорна, ние произведуваме храна, па имаме одговорност и за безбедноста на производите “, објаснува професорката.

Она што е особено интересно во нејзината биографија е приказната за нејзиниот прв професионален работен ангажман кој бил договорен истата вечер кога се одржувала и матурската забава.

Имено, додека Лимонка учела во „Лазар Танев“, одела на практична настава во хотелот „Континентал“ кадешто го учела занаетот од мајстор Војо Спасовски, бард на македонската современа гастрономија.

„Тајните на кулинарството ги учев од шеф Војо Спасовски кој секогаш беше многу строг, не одобруваше импровизација, туку бараше работна дисциплина, професионализам, рационално користење на продуктите и времето, па благодарение на него, сето тоа го поседувам и применувам во работата и наставата. Бев исполнителна и брзо учев, а тој со својата строгост некако ме инспирираше да учам сѐ повеќе, па покрај слаткарството, работев и во готварството, а секогаш кога имаше потреба тој ме ангажираше да работам на декорации за ладни бифиња, шведски маси, на експонати од ладни предјадења. Токму од мајстор Војо ја добив и првата понуда за работа уште на матурската вечер во хотел „Континентал“. Шефот Војо влезе во салата кај професорите, зборуваше со нив, а потоа ме повикаа и тој ми рече: ‘Ти девојче од утре доаѓаш тука на работа’. Уште неземена дипломата, јас почнав да работам“, раскажува професорката.

Образование, проекти, желби…

Во „Континентал“ останала речиси 10 години, а по смртта на нејзината професорка Драгица се вработила на нејзиното место, како професорка по готварство и слаткарство со практична настава. Напоредно со работата се надоградувала, дипломирала на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а потоа завршила и магистерски на Економскиот институт за бизнис и логистика, на УКИМ.

Професорката е вклучена и во повеќе проекти од различен карактер поврзани со образовниот процес и угостителската струка, а вклучена е и во правењето на програмите за реформите на стручното образование со цел да се продуцира квалитетен кадар на пазарот на трудот.

Надвор од училиштето, таа секогаш кога може и кога ќе ја повикаат, прави кетеринзи за големи настани, а во ова ги вклучува и учениците кои на тој начин можат нешто и да заработат. Како ментор, со своите ученици е дел и од многу гастрономски натпревари.

Сето свое искуство и знаење Лимонка има желба да го преточи и во сопствен бизнис, но засега оваа идеја е во мирување.

Има две ќерки, Тамара, која студирала Електро-техничкиот факултет и како стипендист на Мепсо по дипломирањето се вработила таму, и Мартина, студент во IV година на Технолошко-металуршки факултет, на прехранбена технологија, биоинжињерство.

„Од малечки ги ангажирав да ми помагаат во работата, па и двете знаат да готват и да прават слатки. Затоа велам дека не е невозможно и не е исклучено еден ден заедно да реализираме свој бизнис за слаткарство, никогаш не се знае“, се смее Лимонка.

Најслаткиот ден на часовите по слаткарство

За време на посетата на „Арт кујна“ на часовите по слаткарство (секако, тоа беше пред короната), професорката Лимонка Арминовска, заедно со своите ученици подготвија: „Брантајг“ тесто (принцес маса) од кое изработија „Профитероли“ со чоколаден крем.

Потоа, „Линзер“ тесто, од кое изработија кошници тарталети со ванила крем и свежо овошје шмизирано со декор гел.

Направија и „Срнечки грб“, колач кој е карактеристичен по својот состав (ореви, чоколадо и цимет, филуван со чоколаден крем) и изглед (се пече во ребраста модла, а кога ќе се исфилува и чоколадира има изглед на грб од срна) и е многу вкусен.

Направија и „Безе маса“ со сушена белка, шприцани во различни форми кои служат како декоративен елемент, но може да се користат и за филување на десерти. Потоа, тесто за вафли од белки, млеко, масло, жолчки, арома и брашно кои откако ги испекоа во апарат за вафли, ги филуваа на неколку начини.

И на крајот, две торти: Шарлот торта, лесна, освежителна и кремава и Шварцвалд торта, која е карактеристична по својот состав и изглед кој асоцира на планината Шварцвалд во Германија.

Фото: Стефани Христов