Лисната вртеница со младо кромитче и урда

Кога е некој мераклија за јадење, ќе биде и за готвење. Единствено не им верувам на оние кои се по готвењето ама не и по јадењето. Тоа не е случај со нашата читателка Лихнида Дамовска која сѐ што прави, прави со мерак и со апетит. И ете, не ја мрзело да ја направи питата и во двете варијанти-правоаголна и тркалезна

0
254

Состојки:

За тестото:

700 г брашно

1 сув квасец

450 мл млака вода

2 лажички сол.

1 лажичка шеќер

За филот:

5 китки млад кромид

500 г урда или 300 г сирење.

За премачкување:

150 г путер

1 јајце

Црвен пипер

Сусам

Приготвување:

Се активира квасецот во водата со едно мало лажиче шеќер. Се додаваат брашното и солта и се замесува меко тесто.

Се остава да се одмори 10 минути. За тоа време се сечкаат 5 китки млад кромид, кој се стиска со раце за да омекне. Се додава 500 г урда или 300 г сирење.

Тестото се дели на 6 топчиња. Се расукува првото топче во големина на тавата во која ќе се пече. Се топати 150 г путер. Се премачкува првата кора со путер и се става од филот. Иста е постапката и со другите пет кори. Се ставаат една врз друга и се притискаат со раце за да се слепат. На крај се поминуваат уште малку со сукало. Последната кора се мачка со путер, па со јајце и се поросува со црвен пипер и сусам.

Се сечат ленти дебели колку два прста и секоја се врти во спирала. Се реди во тава, правоаголна или тркалезна, по ваш избор.

Се покрива со крпа и се остава да нарасне 1 час.

На крај се премачкува уште еднаш со јајце.

Се пече прво на 200 степени, па се намалува на 180.