Локалните производители учат како да ја зајакнат работата во услови на пандемија

Со цел да им се помогне на малите, локални производители на храна кои поради пандемијата, постојано се изложени на заканите од невработеност и слаб пласман на нивните производи на пазарот, се одржа средба со дваесетина претставници на локални фирми на која им се понудија решенија за формирање на бизнис модели за раст на нивното производство и за зголемување на вработеноста. Станува збор за проектот „Силни мали производители водени од бизнис”

0
103

 „Силни мали производители водени од бизнис” претставува проект произлезен од тековната пандемија со ковид-19 кој ги третира предизвиците во рамки на домашниот  систем за производство на храна, поконретно малите локални производители и работниците во синџирот на локалното производство и преработката на храна. Целта е да им се помогне во насока на откривање на нови канали на дистрибуција, во услови кога поради состојбите предизвикани со пандемијата, постојано се изложени на заканите од невработеност и слаб пласман на нивните производи на пазарот.

Мотивирани токму поради ваквите состојби, со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка преку програмата ИМЕ, а во организација на Импакт Фондација и СлоуФуд Македонија и со учество на експерти од соодветни бизнис области, преку платформата Google Meet  се одржа средба со дваесетина производители во функција  на обука за бизнис модели и рентабилност во производството. Учесниците се стекнаа со практични знаења како да формираат бизнис – модели и како да ја пресметаат својата рентабилност.

Проектот „Силни мали производители водени од бизнис” овозможува инклузивен и оддржлив раст на малите производители на храна и воедно поттикнува континуиран пораст на локалната економија и искоренување на невработеноста.

За време на имплементирање на проектот секој производител врз основа на наодите добиени при комуникацијата со него добива детално изработен бизнис модел и менторство при спроведување на истиот, со јасни насоки на кои ќе се насочува во иднина. Дополнително, во времетраењето на проектот, производителот ќе има можност да биде промовиран преку социјалните медиуми со што му се овозможува поголема видливост и  полесен и директен пристап до купувачите, притоа се поттикнува посилен и конкурентен производствен сектор во земјата.

Проектот е започнат кон крајот на 2020 година со мапирање на повеќе од 30 производители со вклучен развој на критериуми за нивна селекција и избор на 20 мали производители на кои ќе им биде укажана поддршка. Изработен е и водич за безбедност на производи со СлоуФуд. Во вториот дел на проектот беше оддржана обука во насока на избор на бизнис модел и рентабилност отворена за сите производители. Дополнително се предвидува уште една обука во областа на маркетингот со што ќе се заврши делот за градење на капацитет кај производителите.

Импакт фондацијата за развој на приватниот сектор преку континуирана промоција на одржлив развој, работи на полето на зелени економии, одржлив туризам и иновативни технологии.

Slow Food Macedonia како организација настојува да ги заштити од исчезнување традиционалните и регионалните кујни, да го поттикне земјоделството со растенија, семиња и добиток карактеристични за локалниот екосистем и во партнерство со Импакт Фондација се залага за успешно реализирање на овој проект.

Целата активност е спроведена со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).