Луѓето во Германија се дисциплинирани и ги почитуваат мерките

Шеф Филип Митевски кој веќе 4 години работи во Германија, во овој период на самоизолација поради пандемијата со коронавирусот, двапати неделно сепак мора да оди на работа, а остатокот од времето седи дома, готви и испробува нови рецепти.

0
472

Нашиот готвач и дизајнер на храна, Филип Митевски, кој веќе четири години живее во Германија, во периодот на пандемија со коронавирус, два дена во неделата оди на своето работно место во хотелот „Маритим“, во Дармштат кадешто, се разбира, во овој период не примаат туристи, но доаѓаат бизнисмени кои мораат да ги завршат своите работни обврски, поточно, само луѓе од компаниите кои имаат дозвола за своето движење.

„Како и насекаде во светот така и тука се бориме со Ковид 19. Во Германија бројката се зголемува секој ден и моментално се движи докај 71.000, а во нашата држава Хесен има некаде околу 3.100 заболени. И тука како и секаде во светот има слични мерки, како што е забрана за движење од 21 до 5 часот. Секако, тука луѓето се дисциплинирани и ги почитуваат мерките наложени од владата, затворени се повеќето објекти, но има и такви кои сѐ уште мораат да работат и во овој период. Ние во нашиот хотел работиме двапати неделно, а преостанатото време го поминувам дома.

И тука важат истите правила како и секаде: Остани дома, спаси живот, држи растојание, и така натаму. И јас би додал: Гответе и експериментирајте колку што е можно повеќе. Не се придржувајте на истите рецепти, сега имате доволно време сами да си создадете свои рецепти, а тоа, тврдам, е многу поинтересно.

И јас дома си го исполнувам денот со секојдневни обврски и нормално, не го запоставувам готвењето па и јас го правам токму тоа што им го препорачувам и на вашите читатели: испробувам нови рецепти!“, вели Филип.

А неговиот последен експеримент, посна палачинка со цвекло и џем од боровинки и калинка, изгледа навистина фантастично.