Македонски аспарагус за вкусна салата

Списокот на корисни материи на аспарагусот е навистина „километарски“, а со оглед на тоа што сега може да се најде свеж на нашите пазари, ви препорачуваме да си го збогатите оброкот со само една китка од овој здрав производ.

0
322

Аспарагусот не е дел од традиционалната македонска кујна, но со оглед на тоа што сега е периодот кога може да се најде кај локалните производители на храна, а има и многу здравствени придобивки, не е лошо да го вклучите во своето мени.

Аспарагусот има богата нутритивна вредност – содржи витамини А, К, Б, Ц и Е, фолна киселина, железо, бакар, влакна, манган, калиум, холин, цинк, магнезиум и селен.

Аспарагусот го јакне срцето и крвите садови, го подобрува варењето на храната, ги чисти бубрезите и уринарните патишта и е природен диуретик. Одличен е за мозокот и нервите, а е одлична храна за дијабетичарите, природен лек против воспаленијата и одличен за кожата и очите.

Заедно со авокадото, кељот и прокељот, аспарагусот е особено богат извор на глутатион кој помага во борбата против слободните радикали. Затоа консумирањето на аспарагус може да биде заштита и од некои форми на рак.

Како да одберете и да го подготвите аспарагусот?

Одберете аспарагус чии изданоци се меки и светло зелени, а нивните врвови се затворени. Избегнувајте жолтеникави изданоци кои само што не почнале да цветаат, како и такви чии изданоци се суви и скршени на крајот од стеблото, или се збрчкани и изгледаат како да се празни, бидејќи тоа значи дека се стари. Секогаш проверете дали мирисаат свежо.

Инаку, можат да останат свежи во фрижидер до 7 дена ако се чуваат правилно. Ставете ги во пластична кесичка такашто ќе го истиснете воздухот од нив. Не ги мијте пред да ги ставите во фрижидер бидејќи тоа ќе го забрза нивното расипување.

Како најдобри се препорачуваат оние со средна големина (околу 1 см во дијаметар). Оние со подебели стебленца се обично дрвенести, тврди и премногу влакнести па бара подлабоко лупење и подолго готвење, а многу тенките пак, можат лесно да се преварат.

Во принцип, хранливите материи и вкусот се губат во текот на долгата подготовка, па за го задржите вкусот препорачливо е да го динстате на тивко само 5 минути, за да остане меко од надвор и крцкаво одвнатре. Секако, можете да ги јадете и сирови. Исечете ги на тенки парчиња и додадете ги во салата. Нивниот вкус можете да го потенцирате со медитерански прелив од 3 ситно исечкани чешниња лук, 3 лажици ладно цедено маслиново масло, 2 лажици сок од лимон и сол и црн пипер по желба.

Можете да го збогатите преливот додавајќи 1 лажица сенф, 1 лажичка капари и 4 лажички сечкан свеж магдонос или босилек.

Може да ги поросите и со пармезан или едноставно да ги зачините со неколку капки сос од соја.

Фото: Pexels