Маргарита Радош: За унгарските гости готвам македонска, а за македонските – унгарска храна

„Морам да признам, на почеток не ми беше воопшто лесно. Морав да се прилагодам на унгарската кујна и има работи со кои и ден денес ‘се борам’, како на пример, со супата од овошје. И и други работи кои се многу поразлични од нашата кујна. Во градинка или во училиште децата јадат леб со маст и кромид, јуфки со мак, кнедли од компир, десерти со урда, месо со слатко, грашок варен во млеко…“, вели нашата соговорничка и сограѓанка која веќе 15 години живее во Будимпешта. По професија е адвокат, а ‘по готвење’ – маестро.

0
1861

Маргарита Радош, нашата сограѓанка која пред 15 години судбината ја однела во Будимпешта, е мажена за Унгарец и има две деца, 14-годишната Карина и 11-годишниот Мартин. Нашиот интерес го разбуди со своите рецепти кои одвреме навреме ги споделува на фејсбук, а од неодамна и со својот блог за храна www.margaritafood.com.

За себе вели дека е хедонист, ужива во патувањата и постојано трага по нови авантури и предизвици.

„Пред повеќе од 15 години судбината ме однесе да живеам во прекрасната Будимпешта. Создадов прекрасен дом и семејство. Сопругот ми е Унгарец, децата се родени во Будимпешта. Карина има 14 години, а Мартин 11 години. Перфектно зборуваат македонски јазик.

Што се однесува до јадењето, морам да признам, на почеток не ми беше воопшто лесно. Морав да се прилагодам на унгарската кујна најмногу поради децата, бидејќи одеа во градинка. Имав голема помош од Ержи, нашата домашна помошничка, од која научив многу работи во кујната. Унгарската кујна се разликува од македонската и има работи со кои и ден денес ‘се борам’, како на пример, со супата од овошје. Да, Унгарците, особено во лето, јадат супа од секакво сезонско овошје. Мене тоа ми личи на пудинг. Има работи кои се многу поразлични од македонската кујна. На пример, во градинка или во училиште децата јадат леб со маст и кромид, јуфки со мак, кнедли од компир, десерти со урда, месо со слатко, грашок варен во млеко…

Но најразлично од сѐ, е времето за ручек.Ние Македонците си сакаме на раат да си го испиеме кафето, потоа појадокот може и да се прескокне, а времето за ручек, кому каков ќе му биде денот. Овде се знае, има ред и дисциплина како за сѐ, така и за времето за ручек. Во 13 часот сите, ама буквално сите се на ручек. Дури и во најскапите хотели има понуда за бизнис мени од 13-15 часот. Тука луѓето ја почитуваат традиција и има сѐ повеќе национални ресторани со традиционални унгарски специјалитети“, раскажува Маргарита.

Во нивниот дом пак, се јаде најразлична храна. Вели дека многу патуваат, па и децата од мали се научени на најразлични кујни. Се разбира, омилена им е македонската.

„Летно време распустот го поминуваат со моето семејство во Скопје, ги сакаат нашите традиционални јадења, а најмногу – за појадок  бурек или домашна месена пита со јогурт, ќебапчиња, а мојот сопруг обожува и мезе.

Имено, тука нема како кај нас. Во ресторан секој си нарачува од менито и си го јаде тоа што си го нарачал. Кај нас е поинаку. Под мезе се подразбира сѐ што има во кујна. И после тоа не нарачуваме ништо, затоа што сме се најадени од мезето. Е тоа ни фали овде. Затоа дома си правиме мезиња кога сме сами или за гости. Нема правило што ќе готвам дома, а најчесто зависи од децата и моменталното расположение. Кога подолго време не сум била во Скопје, некако ме фаќа носталгија па повеќе готвам македонска храна. Во кујната  јас сум шеф!“, се смее Маргарита.

Таа по професија е адвокат, работи за унгарска консултантска фирма и често патува, па тогаш ја заменува нејзината ќерка, иако најчесто знае да направи мени и да подготви јадења за секој ден додека ја нема и да ги замрзне.

„Сѐ е до организацијата. Дома не фрламе храна. Пазарам во мали деликатесни продавници, задолжително одам на пазар, купувам свежа храна, а љубител сум и на органска храна. Не јадеме количински многу, затоа посветувам внимание на квалитетот на храната. Редовно спортувам и пешачам, двапати во неделата одам на нордик пешачење во планина, 15 км и тоа ми дава енергија и ми помага да водам здрав живот. Генерално, Унгарците многу спортуваат. Секое дете  мора да се занимава со спорт, и тоа сериозно, па така кај нас, Карина игра тенис, а Мартин фудбал“, ни објаснува Маргарита.

Таа е голем вљубеник во готвењето, а идеите најчесто ги добива од секојдневјето, но има и многу готвачи, списанија, брошури, па во слободно време многу чита на темата гастрономија.

„Тоа ме одмара. Уживам да готвам за гости. Тоа е за мене цел проект. Ако се гостите Унгарци, задолжително ги правам нашите македонски специјалитети, месам пита, пинџур, тавче гравче, а за десерт нешто со шербет. Ако се гостите Македонци, тогаш спремам унгарски јадења, меѓудругите, џигер од гуска, кој е моето омилено јадење и е навистина деликатес и во Унгарија, и во Франција, како и патка или гуска полнета со суво овошје, а за десерт кнедли, жербо коцки или Гундел палачинки.

Унгарците се познати по десертите. Има преубави слаткарници низ Будимпешта, кадешто луѓето си одат на кафе и парче торта.Тоа лично мене многу ми се допаѓа и ми недостасува кога сум во Скопје.

Кај нас нема многу такви места кадешто во мир и тишина, со клавир, кафе и десертно вино  ќе уживам  со убаво парче торта, како Васина, Реформ, Гријаж…можеби еден ден ќе го остварам сонот и ќе отворам токму таква кафетерија, место за уживање“, вели таа.

Во своите слатки кои ги подготвува дома, а кои децата многу ги сакаат, избегнува шеќер колку што може повеќе.

„Во рецептите го кратам шеќерот на минимум, повеќе месам, на пример, милиброд, слатки печива, сутлијаш, овошен колач, штрудла со овошје, колач со мак…рецепти кои ги подготвувале моите баби, мајка ми, рецепти кои ме враќаат во детството. Омилени дома ни се крофните. Ама како што ги прави мајка ми која во тестото става кора од лимон и се шупливи внатре. Не сакам кога ќе ми речат, што се мачиш сега има сѐ да се купи…Точно, има, ама вкусовите и спомените од детството не можат да се купат со пари“, вели Маргарита и додава дека е уморна од прераскажување на рецепти по телефон, па делумно оттаму и нејзината желба да направи свој блог.

„ Уживам во добра фотографија, особено на храна, затоа што јас со очи јадам. Блогот најмногу го направив за моите деца. Сакале ние или не, децата ќе одат на студии, а можеби и во друга земја. Карина учи во германско училиште па ништо чудно за некоја година да се иссели од дома. Сега со блогов сум мирна.Сигурна сум дека нема да остане гладна, а ќе ги приготвува сите јадења со кој пораснала и кои ѝ се омилени.

Блогот за храна www.margaritafood.com го објавив неодамна.Тука се дел од рецептите што ги имам направено, а има уште толку готови, необјавени и секојдневно подготвувам нови. Намерно ги преведувам рецептите и на англиски, а подоцна ќе го направам тоа и на унгарски, особено за македонските специјалитети. Желба ми е што повеќе да ја доближам и претставам македонската кујна. Според мене, тоа е и еден од начините, преку кујната да ја доближам Македонија до Унгарија, а и пошироко. Уживам во презентацијата на храна. Секој рецепт си има своја приказна. Тоа за мене е љубов. Уметноста е уживање.Тука се исклучувам и творам. Имам импровизирано студио, дрвена даска, дневна светлина и приказна…секоја лажица, нож, чинија или шолја на моите фотографии со храна се внимателно одбрани, најчесто по антикварници. Ја уживам привилегијата да живеам и уживам во шармот и егзотиката на Балканот и царската монархија, а тоа всушност  е и мојата мисија: да се доближам до луѓето секаде низ светот, да патуваат со мене и да се чувствуваат како дома секогаш и во секое време кога ќе го посетат мојот блог. Јас верувам дека најдобар начин да се доближиш и да го запознаеш народот, неговата култура и традиција, е преку кујната.