Маслиновото масло не е единствениот херој во кујната – ова масло му е достоен „противник“

Маслиновото масло убедливо ја носи титулата најпопуларно масло, поради што некои други масла се неправедно запоставени

0
410

Кога станува збор за омиленото масло во кујната, маслиновото масло убедливо победува поради неговите здравствени придобивки, особено за кардиоваскуларниот систем. Ова е причината зошто маслото од семки од тиква често се занемарува иако исто така има голем број придобивки. Маслото од семки од тиква се произведува од ладно цедени семки од тиква и потекнува од Мексико, каде тиквите растат во изобилство.

Традиционално познато како „зелено злато“, се користи во кулинарството уште од 18 век. Бидејќи станува збор за специјално масло, тоа обично чини повеќе од некои други видови на масло, но неговите придобивки го прават тоа исплатливо. Еве ги оние што експертите ги наведуваат како најважни.

5 здравствени придобивки од маслото од тиква

1. Добро е за срцето

Експертите објаснуваат дека семките од тиква имаат скоро ист ефект врз телото како и маслиновото масло. Двете масла содржат ист вид на здрави масти поврзани со намалување на холестеролот, крвниот притисок и ризикот од срцеви заболувања. Ако затоа сакате да додавате маслиново масло во сите јадења, од време на време можете да го замените со масло од тиква.

2. Го подобрува расположението

Единствената студија, објавена во British Journal of Psychiatry, покажала дека децата кои страдаат од депресија и консумираат семки од тиква, чувствуваат подобрување на расположението. На ова подрачје потребно е да се направат повеќе научни истражувања за да се поврзе маслото од семки од тиква со овие придобивки што го зголемуваат расположението (и за да се дознае дали вака влијае и на возрасните), но експертите велат дека причината за поврзувањето најверојатно се должи на здравите масти кои се наоѓаат и во целите семки и во маслото од тиква.

3. Има антиинфламаторно дејство

Друга предност на конзумирањето на масло од тиква е тоа што може да го заштити организмот од хронични воспаленија. Ако не се лекува, воспалението може да доведе до многу исцрпувачки здравствени проблеми, вклучувајќи рак или пад на когнитивните способности. Маслото од семки од тиква содржи антиоксиданти каротеноиди и витамин Е, а антиоксидантите играат голема улога во намалувањето на воспаленијата.

Меѓутоа, треба да се напомене дека во маслото постојат само траги од овие хранливи материи. Значи, ако сте првенствено заинтересирани за борба против воспаленијата, наместо за масло треба да се одлучите за семки, бидејќи тие содржат поголеми количини на овие антиоксиданти.

4. Добро е за кожата

Покрај тоа што се користи во кујната, маслото од семки од тиква е исто така дел од многу производи за убавина. Локалната употреба помага во хидрирањето на кожата, а исто така може да биде корисна за спречување на акните. Имено, експертите веруваат дека масните киселини во маслото ја хидрираат кожата и помагаат во одржување на нивото на колаген, одржувајќи ја кожата цврста и младешка.

5. Содржи калиум, калциум и магнезиум

Покрај витамин Е, маслото содржи мали количини на други хранливи материи, вклучувајќи калиум, калциум, цинк и магнезиум – нус-производ од самите семки од тиква. Иако количините на овие хранливи материи не се доволно високи за маслото од семки од тиква да стане извор за нив, тоа секако е бонус.

Исто така, постои многу минимален ризик од било какви нус-појави, а ако имате одредени здравствени проблеми, прво консултирајте се со вашиот лекар.

Кој е најдобриот начин да се користи маслото од тиква?

Маслото од семки од тиква има точка на горење од 160° C, што значи дека е најдобро да се користи како завршно масло. Додадете го врз риба, печен зеленчук, како прелив за салата, и чувајте го во добро затворено шише на темно место, бидејќи сончевата светлина може да ги промени неговите својства. Ако се чува правилно, може да трае околу две години.

Фото: Pexels