Маслиново масло на празен стомак: здрава навика или само мит?

На интернет често можеме да најдеме совет да се напиеме лажичка маслиново масло секое утро, веднаш по будењето. Но, дали оваа навика има навистина толку многу здравствени ефекти?

0
413

Сигурно многу пати сте прочитале или некој ве посоветувал наутро, веднаш кога ќе станете, на празен желудник, да се напиете една лажичка маслиново масло.
Но, дали навистина ова има толку поволни ефекти на нашето здравје и дали можеби постои некој негативен аспект на целата приказна.

Корисни ефекти на маслиновото масло

Маслиновото масло може да се пофали со силна заднина од научни истражувања. Голем број студии ги потврдиле неговите корисни ефекти врз организмот, како што се антиинфламаторни и антиоксидантни ефекти, како и неговата заштитна улога против развојот на разни хронични заболувања.

Исто така, маслиновото масло е богато со природни антиоксиданти, првенствено зелен хлорофил и жолт бета каротен. Во природните антиоксиданти на маслиновите масла спаѓаат и таканаречените токофероли со најважниот претставник, алфа токоферол, односно витамин Е, кој исто така има антиоксидативно дејство и учествува во одржување на здравјето на имунолошкиот систем.

Понатаму, цела низа студии се занимавале со консумирањето на маслиново масло на празен стомак. Еве што откриле научниците.

Извор на здрави масти

Потрошувачката на маслиново масло на празен стомак може да помогне во задоволување на дневните потреби за здрави масти.

Исхраната на современиот човек најчесто се заснова на животински масти, со што се задоволува дневната потреба за внесување маснотии. Сепак, ова нема да го задоволи внесувањето на полинезаситени (PUFA) и мононезаситени (MUFA) масни киселини, чии главни извори се растителни масла, јаткасто овошје и семки.

Маслиновото масло е еден од најбогатите извори на мононезаситени масни киселини, кои имаат корисен ефект врз здравјето на срцето и крвните садови.

Корисен ефект врз варењето на храната

Маслиновото масло може да има корисен ефект врз варењето на храната. Иако механизмот на дејствување сè уште не е целосно разбран, научниците потврдија дека конзумирањето маслиново масло на празен стомак може да ги ублажи проблемите со запек кај постарите лица.

Чувар на срцето и крвните садови

Кардиоваскуларното здравје е сигурно со маслиновото масло. Одамна е познато дека маслиновото масло ги штити нашето срце и крвните садови. Главната заштитна улога ја има олеинската киселина, еден вид мононезаситена масна киселина, која природно е присутна во маслиновото масло. Придонесува за намалување на ризикот од развој на кардиоваскуларни болести. Понатаму, истражувањето покажале дека луѓето кои конзумираат маслиново масло во поголеми количини имаат значително помал ризик од развој на срцеви заболувања, но и на смртност поврзана со кардиоваскуларни заболувања.

Маслиновото масло може да помогне во регулирање на шеќерот во крвта

Една студија покажала дека конзумирањето маслиново масло на празен стомак може да има ефект на намалување на нивото на гликоза во крвта после оброк. Покрај гликозата, маслиновото масло има корисен ефект и на липидниот профил, односно го намалува нивото на вкупниот и „лошиот“ ЛДЛ холестерол.

Силни коски со маслиново масло

Резултатите од студијата објавена во 2018 година во престижното списание Nutrients, покажале дека дневната потрошувачка на 20 мл маслиново масло може значително да ја зголеми минерална коскена густина кај жените. Затоа, дневна потрошувачка на маслиново масло може да се препорача и за жени со дијагностицирана остеопенија или остеопороза.

Маслиново масло наместо пилула за главоболка?

Олеокантал, соединение присутно во маслиновото масло, делува како природно антиинфламаторно средство и исто така има карактеристики кои во голема мера им одговараат на оние лековите против болки, како што е ибупрофенот.

Научниците процениле дека 50 мл екстра девствено маслиново масло има сличен ефект како една десетина од дозата на ибупрофен.

Дали има негативни страни од користењето маслиново масло?

Заедно со свежото овошје, зеленчукот, мешунките и јаткастите плодови, маслиновото масло е столбот на медитеранската исхрана, која веќе долга низа години се препознава како „златен стандард“ за правилна исхрана.

Затоа, не можеме да кажеме дека има штетни ефекти од конзумирањето маслиново масло. Единственото нешто на што треба да обрнете внимание е фактот дека станува збор за масло, кое, како и другите масти, обезбедува просек 9 kcal на 1 g. Во превод, голема лажица (15 g) обезбедува 135 kcal. Затоа, маслиновото масло треба да се користи во умерени количини, со цел да се зачува здравјето, но и да се одржи соодветната телесна тежина.

Фото: Pixabay