Многу гурмани и гурманлуци во еден готвач – Готвач на Западен Балкан

Деновиве ни 'падна' во раце примерок од Готвачот со повеќе од 130 рецепти од најдобрите традиционални балкански јадења. За оваа цел авторките Гордана Ристиќ и Марија Јанковиќ морале да поминат 3.500 км на патиштата, 1.000 км во воздухот и да ангажираат повеќе од 80 луѓе кои готвеле за нив. Иако звучи како макотрпна работа, мислам дека тие две бескрајно уживале во целиот процес.

0
148

Пред речиси две години, во септември 2019.година, кога короната сѐ уште не беше дел од нашите животи, на една од дегустациите на кои секогаш многу сакаме да одиме, а чиј домаќини беа нашата пријателка Ирина Јаневска и АРНО, се запознавме со две симпатични девојки од Србија, Гордана и Марија, сите топтан, на иста бранова должина со добрата храна.

Повод беше проектот „Гастрономска мапа на Западен Балкан”, чија цел беше да ги мапира регионите кадешто има традиционална подготовка на балкански јадења. Проектот се спроведуваше во соработка со АРНО од Скопје, „Генератор” од Врање, КЦИЦ од Гњилање и „Бона Фиде” од Пљевља, со поддршка на Фондот на Западен Балкан. Ја прашавме Гордана Ристиќ, која заедно со фотографката Марија Јанковиќ, е иницијатор за проектот, која е целта на овој проект.

„Сакаме да се занимаваме со храната како традиција, да видиме каде и што готват луѓето, што јадат, да ги мапираме регионите кадешто се прави сарма, ајвар и да направиме нови граници на Балканот. Да видиме како изгледа регионот на ајвар или регионот на шопска салата, а сето тоа со мала доза на сатира, затоа што сме во ек на процеси кои можат да доведат до најнови прекројувања на границите на Балканот. Се надеваме не и до нови конфликти. Помалку не интересира чие е тоа јадење, затоа што тоа веќе може да одведе во кавги и судири, како што беше случај во бугарскиот филм „Чија е оваа песна?“

На пример, кога го издадовме првиот готвач (Старински готвач од јужна Србија) и еден француски портал објави фотографија од ајварот, како нешто што доаѓа од јужна Србија, Албанците „умреа“ од смеење тврдејќи дека е тој косовски. И така, од тогаш почнавме да размислуваме за создавање гастрономска мапа“, ни раскажа тогаш Гордана најавувајќи го и нивниот следен проект – Готвачот на Западен Балкан.

И речено, сторено. Девојките успеаја во својата мисија – да ги соберат во еден готвач рецептите, повеќе од 130, од најдобрите традиционални балкански јадења. За оваа цел тие, како што велат, морале да поминат 3.500 км на патиштата, 1.000 км во воздухот и да ангажираат повеќе од 80 луѓе кои готвеа за нив, а сега се и нивни пријатели. Иако звучи како макотрпна работа, и иако имав можност да се сретнам со нив само еднаш, се сомневам дека сето тоа за нив било мачење. Напротив, мислам дека бескрајно уживале во подготвувањето на материјалите.

Токму тој Готвач на Западен Балкан е повод деновиве да се потсетиме на нашите познанички. Имено, деновиве стасаа во наши раце примероците од готвачот кој излезе од печат пред самиот крај на минатата година, во ек на пандемијата и за кој тие велат дека е најдобар готвач од нашиот регион.

И навистина изгледа така. Бидејќи е обемен, ќе ни треба време да го проучиме, но ветуваме дека наредниов период ќе споделиме со вас некој од сите тие интересни и вкусни рецепти внатре.

Инаку, тие развиваат и линија аксесоари за кујна, престилки и торби, ракавици, завеси, чаршафи за маса, оклагии…како мал балкански бренд кој ја претставува балканската готвачка традиција на модерен и добро издизајниран начин. Целни групи им се дијаспората и странците кои сакаат да готват или едноставно го сакаат Балканот.

„Се обидуваме да ја пополниме дупката на светската сцена затоа што ни изгледа како балканската кујна да не е доволно застапена, со исклучок на грчката и турската. Но тие се национални, а ние овде се обидуваме да го промовираме целиот регион, и пред сѐ убавината на неговата разновидност“, ни објасни Гордана.

Честитки и од редакцијата на „Арт кујна“ за овој прекрасен готвач!