Мока пот – италијанско ѓезве за кафе

Мока садот е вообичаен за подготовка на кафе во Италија, а во последно време стекнува сè поголема популарност и во другите земји, особено имајќи ја предвид ограничената работа на кафулињата. Со него можете да направите дома богато, миризливо кафе, нешто слично на еспресото, без скапа опрема.

0
189

Мока садот е апарат во кој кафето се подготвува такашто зовриената вода под притисок на пареа поминува преку меленото кафе. Наречено е по јеменскиот град Мока, а го измислил италијанскиот инженер Алфонсо Бијалети во 1933 година. Садот Мока брзо стана еден од основните елементи на италијанската култура. Освен во Италија, денес често се користи и во другите европски земји и Латинска Америка, па и кај нас.

Како функционира?

Мока садот може да се најде во различни големини, а мерката за едно кафе е 50 мл. Тие можат да се користат на плин или на електрични рингли и традиционално се изработени од алуминиум, иако понекогаш се изработени од не’рѓосувачки челик или други легури.

Се состои од:

Долниот сад во кој има сигурносен вентил за ослободување на пареа од страната, и до тој вентил се полни со вода.
Инка, контејнер во кој се става мелено кафе. Инката има филтер низ кој поминува водата од долниот сад.
Горниот дел има друг метален филтер на дното. Горниот дел цврсто се затвора на основата пред да се стави на плочата за готвење и тука се собира кафето.
Кога садот се става на соодветен извор на топлина, водата се доведува до точката на вриење и се создава пареа во долниот сад. Пареата достигнува доволно висок притисок за постепено да ја турка врелата вода низ инката и преку кафето во горната комора, каде што се собира свареното кафе. Кога долната комора е речиси празна, меурчињата од пареа се мешаат со водата што се качува нагоре, создавајќи карактеристичен шум, а потоа готвењето треба да се запре со отстранување на садот од ринглата.

Кафе за Мока пот

Вкусот на кафето зависи од видот на кафето што го користите и секогаш е потребно да се потенцира при купувањето кафе, ако го купувате на мерење, дека ќе се користи во мока сад, со цел да се смелат зрната во соодветна големина. Ситно мелено кафе не може да се користи.

Типичното кафе за мока се екстрахира при релативно низок притисок од 1 до 2 бари, додека стандардот за еспресо кафе е 9 бари. Затоа кафето од мока сад не се смета за еспресо и има различни карактеристики на вкус.

Како да направите кафе во мока сад?

Чекор 1

Купете кафе за мока пот. За една доза од 50 ml кафе, ви требаат има околу 5г кафе, што е приближно една лажичка. Во зависност од вкусот, можете да ја зголемите дозата на кафе.

Чекор 2
Истурете топла вода до границата во долниот сад. (мислењата се поделени помеѓу тоа дали да се става ладна или топла вода, пробајте ги обете опции и одлучете која ја сакате)

Чекор 3
Наполнете ја инката со мелено кафе, не е потребно да го притиснете кафето бидејќи тоа ќе го отежни поминувањето на водата. Само протресете малку.

Чекор 4
Цврсто затегнете го горниот дел од садот.

Чекор 5
Ставете го садот на рингла на средна топлина.

Чекор 6

Кога водата во долниот сад ќе започне да врие, притисокот нежно ќе го турка млазот низ кафето во горниот сад. Кога ќе слушнете звук на меурчиња и жуборење, процесот завршил и веднаш тргнете го садот од плочата за готвење. Ставете си го во шолјичка и уживајте.

Одржување

По употребата, добро измијте ги сите елементи, бидејќи остатоците од кафе може да го расипат вкусот за време на следното готвење. Филтерот од долната страна се отстранува со отстранување на гумениот прстен и се чисти од двете страни многу лесно.

Кога гумениот прстен е нов, може да го промени вкусот на кафето, затоа се препорачува неколку пати да се свари само вода, со цел да се отстрани мирисот на гума.