Направете сами во неколку чекори – млеко од бадем, овес, соја, ориз

Ако не пиете кравјо млеко од етички причини или затоа што тоа не му одговара на вашиот дигестивен систем или едноставно повеќе сакате растителни млека кои се побогати со хранливи материи и не содржат штетни хормони и тешко сварлива лактоза, време е да научите да си ги правите сами

0
194

Ако наместо кравјо млеко претпочитате да консумирате растителни млека, време е да започнете сами да ги подготвувате. Ќе бидете изненадени од тоа колку е едноставно и лесно!

Без разлика дали ќе одлучите да направите млеко од ориз, бадеми, овес или соја, тоа ќе биде подобра и поздрава опција за вас отколку да купите – и далеку повкусна!

Ќе ви требаат само неколку состојки – обично само главната состојка и вода, со додавање на некој природен засладувач, ако сакате посладок вкус.

Доколку сакате покремасто млеко со побогат вкус, бадемите или индиските ореви, се идеален избор за вас.

Од друга страна, млекото од овес или ориз има полесна структура, е малку помалку калорично, а сепак подеднакво фино и вкусно.

Како да ги направите?

1. Бадемово млеко

Бадемите се богат извор на калциум, па затоа бадемовото млеко е одлична замена за кравјото млеко.

Ова млеко е навистина кремасто, па дури и децата ќе го сакаат затоа што наликува на кравјото млеко, а е далеку поздраво и нутритивно побогато.

Состојки:

100 г несолени бадеми
3-4 чаши вода
2 урми (по желба)

Приготвување:

Потопете ги бадемите во вода на 4-6 часа, по можност преку ноќ.
Исцедете ги и исплакнете ги и ако сакате, можете и да ги излупите.
Ставете ги бадемите, урмите и водата во блендер и мешајте.
Исцедете преку густа цедалка или преку газа.
Консумирајте го веднаш, ладно или топло, а остатокот чувајте го во затворен сад, во фрижидер и консумирајте го во рок од 3 до 5 дена.

Совет: Во бадемовото млеко, како и во другите растителни млека, можете да додадете малку сол за да го нагласите вкусот, и да изберете природен засладувач по желба (нашиот предлог во овој рецепт се урмите).

Вкусот на бадемовото млеко можете да го збогатите и со малку цимет, екстракт од какао или ванила.

2. Млеко од соја

Иако млекото од соја е исто така достапно во продавниците, она што ќе го направите дома сепак ќе има далеку побогат вкус.

Иако сојата често се споменува во медиумите како контроверзна храна, тоа се однесува исклучиво на генетски модифицираната.

Ако изберете органска соја, навистина немате причина да се грижите. Таквата соја не е само безбедна, туку е и пожелна и здрава состојка во вашата исхрана.

Соја млекото е богат извор на протеини и калиум!

Состојки:

80 гр (1/2 чаша) сува соја од органско земјоделство
4 чаши (1 л) вода
½ лажичка екстракт од ванила (по желба)

4 урми, по желба

Приготвување:

Потопете ја сојата во вода преку ноќ.
Исцедете ја и излупете ја (млекото ќе има подобар вкус ако ја отстраните кожата).
Ставете ја сојата во блендер и истурете 3 чаши вода. Измешајте добро.
Процедете ја смесата преку густа газа.
Префрлете го исцеденото млеко во тенџере и додадете ја преостанатата чаша вода. Оставете да зоврие, промешајте и извадете ја пената од површината.
Гответе на средна топлина околу 20 минути, мешајќи повремено.
Оставете го соиното млеко да се излади. Ако сакате, додадете екстракт од ванила и урми и измешајте уште малку доколку е потребно.
Остатокот од млекото чувајте го во затворен сад од 3 до 5 дена.

3. Овесно млеко

Овесното млеко е едно од најпопуларните растителни млека, но често содржи додадени шеќери и други непотребни состојки.

Ова е одлична причина сами да направите млеко од овес.

Овесното млеко содржи бета-глукан, што е одлично за варење и засилување на енергијата.

Ова млеко е лесно, вкусно и исклучително хранливо, а можете да го направите за само 15 минути!

Состојки:

1 чаша (100 г) овесни снегулки
3-4 чаши вода
1 лажичка екстракт од ванила (по желба)
1-2 лажици јаворов сируп или 1-2 урми (по желба)

Приготвување:

Оставете ги овесните снегулки во вода 30 минути.
Исцедете ги и исплакнете ги малку.
Додадете им 3-4 чаши чиста вода и другите состојки и измешајте во блендер. Додадете повеќе или помалку вода во зависност од тоа колку густо сакате да биде млекото.
Исцедете го преку густа газа.
Чувајте го млекото во фрижидер во добро затворен сад од 3 до 5 дена.

4. Оризово млеко

Оризовото млеко е многу здраво и вкусно и полесно се вари, на пример, од млекото од соја.

Има полесна текстура и не е кремасто како млекото од јатки. Откако ќе го сварите оризот, ќе ви требаат само 5 минути за да го подготвите млекото.

Погодно е и за луѓе со целијакија и за оние чувствителни на лактоза.

Состојки:

½ шолја (100 гр) варен ориз (најдобро кафеав бидејќи е нутриционистички најбогат и најхранлив)
2 чаши вода
2 урми (по желба)

Приготвување:

Гответе го оризот според упатствата на пакувањето. Исцедете го и оставете го да се излади.
Ставете го сварениот ориз, водата и урмите во блендер и измешајте сè добро.
Исцедете го млекото преку газа. По желба збогатете го оризовото млеко со малку екстракт од ванила или цимет.
Чувајте го остатокот од млекото во сад со цврст капак и консумирајте го во рок од 5 дена.

Фото: Pixabay